👁️  12

Европската Унија ќе го одложи приклучувањето на Украина и Молдавија во овој блок, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и изјави дека Турција одамна заслужила да стане членка на ЕУ и дека тоа не се случило од „политички причини“.

„Доделувањето кандидатски статус на Украина и Молдавија не значи дека тие ќе станат членки на ЕУ. Процесот ќе почне со нив, но ќе се одложи. Погрешно е што Турција, која е поподготвена за влез во ЕУ од некои земји членки, со години чека на врата поради политички пречки“, рече Ердоган, пренесе „Ројтерс“.

Тој посочи дека Турција е кандидат од 2005 година, но сѐ уште не е примена во ЕУ.

Ердоган рече дека „стратешкиот и економскиот“ потенцијал на Турција одамна го заслужи правото да пристапи во ЕУ, што Анкара го наведува како стратешка цел, и додаде дека напредокот во тој процес може да се види за време на претседавањето со Унгарија со која Турција има добри односи.

„Ројтерс“ наведува дека статусот на Турција е замрзнат поради „состојбата со човековите права во таа земја и несогласувањата за регионалните политики, пред сѐ, во источниот Медитеран и околу островот Кипар“.

Лидерите на ЕУ минатата недела на самитот во Брисел се согласија да ги отворат преговорите со Украина во време кога таа сè уште води војна против Русија и истовремено да ги почнат пристапните преговори со Молдавија.

Во рамките на блокот немаше договор за пакет финансиска помош за Украина од 50 милијарди евра поради противењето на Унгарија.