Македонската одбојкарска репрезентација денеска ја пречекува селекцијата на Данска во првото коло од групата Ц на Европското првенство во одбојка, на кое кодомаќин е Македонија. Натпреварот е со почеток во 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“.

За денешниот натпревар, македонските репрезентативци се подготвени и максимално мотивирани.

Селекторот Јошко Миленковски вчера истакна дека одбојкарите ќе го дадат својот максимум на теренот и апелираше за голема поддршка од трибините.

– Овие момци секој ден даваат сè од себе за да ја претстават државата во најдобро светло. Ова е најголем настан на нашa почва и можност да ја претставиме нашата држава и нашиот спорт, рече Миленковски.


Своите очекувања ги изнесе и капитенот Никола Ѓорѓиев.

– Групата е доста тешка, прв фаворит е Полска, а тука се Холандија и Чешка, па Данска и Црна Гора кои се на наше ниво. Утре за нас е голем ден, мора да влеземе малку позрело за разлика од претходните две европски првенства. Се надевам дека ќе бидеме мудри и ќе имаме трпение, заедно со цела Македонија ќе успееме да се радуваме на убава победа. Можам да ветам дека ќе дадеме се од себе и се надевам дека утре ќе успееме да ве израдуваме, порача Ѓорѓиев.

За Македонија ќе следуваат дуелите и против Црна Гора (2 септември), Полска (3 септември), Холандија (5 септември) и Чешка (6 септември).

Кодомаќини на европската одбојкарска елита се и Италија, Бугарија и Израел. Европското одбојкарско првенство ќе финишира на 16 септември за натпреварите за медали во Рим.