👁️  131

Во опширна анализа со наслов: „Трансфер на бламот”, професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први”, Денис Прешова кој важи и за еден од нашите најдобри експерти по уставно право и уставно судство, на јасен начин, укажува на целиот аматеризам и нестручност на Уставниот суд предводен од кадарот на Зоран Заев, Добрила Кацарска.

Според Прешова: „Лесно им е на уставните судии, не мора они да излегуваат пред студентите и да објаснуваат за состојбите со уставното право и уставното судство во државата. Неколкумина од нас го јадат нивниот срам и блам. Изгледа малку ни е и ова, кога допуштаме секој да станува уставен судија”.

Професорот Прешова фрла светло и на работатата на Судскиот совет, која, како и Уставниот суд, е далеку од професионална.

„Сега ќе ни се протне на мала врата (незаконска) и новата кандидатка на Судскиот совет. Ама за тоа во наредниот пост откако Судски совет ќе го усвои и објави записникот од седницата.”, ќе заклучи Прешова.

На крајот од оваа анализа, Денис Прешова ќе поентира: „Ова требаше да биде краток пост ама многу работи се собрале”, најавувајќи нови продолженија на анализата за дното во кое се наоѓа македонското судство

Во продолжение интегрален текст од неговата објава.

-Од рубриката „Трансфер блама“ или истакнатите од Уставен повторно се истакнуваат, издвојуваме…
Две одлуки на Уставниот суд во врска со т.н. апанажи за избрани и именувани функционери кои се разрешени или поднеле оставка (У.бр. 8/2022-1) и законската одредба за избор на претседателот на Судски совет го привлекоа вниманието на јавноста (У.бр. 233/2020-1). Во меѓувреме двете одлуки, заедно со решенијата и издвоеното мислење, се објавени и достапни на интернет страната на Уставниот суд и поради мојот професионален интерес, како и поради тоа што беа актуелни деновиве, решив да ги прочитам (инаку не би се впуштал во таков мазохистички чекор бидејќи одамна ваквите одлуки кај нас се „болни“ за читање).

Иако интересот на јавноста и дебатата, вообичаено, заврши уште пред да се објават одлуките, бидејќи распонот на внимание на медиумите е цели два дена, а веќе и да немаме форуми за стручни и академски дебати, сепак вредно е да се посочат неколку работи. Без оглед дали се согласувате или не со одлуките како такви, во смисла на тоа дека треба да им се одземат сите бенефиции и привилегии на корумпираните политичари или дека е недопустливо стручен соработник да биде на чело на Судскиот совет, мора да се направи чекор назад и да се анализираат непристрасно и исклучиво низ призмата на правото. Во спротивно многу лесно би почнале да прифаќаме, на пример, изрекување затворски казни и други кривични санкции без воопшто да се грижиме за постапката и аргументите, бидејќи сите знаеме дека се виновни (пресумпција на вина). Во таа стапица генералната јавност може лесно да западне. Обврска и одговорност на стручната јавност, колкава и каква и да е таа, е тоа да не го дозволи.

Прво, со вакви образложенија не би смееле да изречете ниту минорна прекршочна санкција, а не да укинувате законски одредби поради неуставност. Секој суд, вклучувајќи го и Уставниот суд, како основен канал за комуникација со јавноста, особено стручната, ги имаат своите одлуки и образложенијата на основните причини и аргументи за донесената одлука, а не соопштенијата и известувањата кои имаат спореден карактер во оваа смисла. Од силата и уверливоста на аргументите во образложенијата зависи нивниот углед и авторитет, а не од популарноста на самата изрека, односно одлуката, во јавноста. Во ниту еден дел од одлуките не се посочува кои биле причините за оспорување на законските одредби (тоа е ставено во решението за поведување на постапката ама не и во одлуката), кои биле аргументите на овластениот предлагач и Собранието, дали постојат некакви меѓународни или Европски стандардни за релевантното прашање кое е предмет на оцена, компаративна анализа итн. Едноставно добивате впечаток дека и самите уставни судии си велат: што има ние да се замарме со образложенија и онака ретко кој ги чита, а не па да ги анализира. Затоа овие одлуки се само демонстрација на некаква моќ без реален авторитет и уверливост што секоја судска одлука мора да ја има, а за уставно-судските и да не зборувам.

Второ, уставните судии очигледно не можат да разберат која е нивната улога во системот. Ова што тие го направиле со двете одлуки е лична процена и оцена на јавни политики, а не уставно-судска контрола на уставноста на законите. Едноставно не им се допаднале законските одредби, не се согласувале со законските решенија и без оглед на тоа што реално немаат правни аргументи сепак се одлучиле да ги укинат како неуставни. Тоа веќе не е ниту судски активизам, туку класичен упад во сфера во која тие нема што да бараат.
Трето, (АПАНАЖИТЕ) недопустливо е за предметот да дознаваме многу повеќе од решението за поведување постапка и од издвоеното мислење отколку од самата одлука на мнозинството. Небаре одлуката е донесена уште пред судиите да расправаат за неа. Ништо од дебатата која очигледно (од издвоеното мислење) се одвивала при одлучувањето не е пренесено во образложението на одлуката. Но, срамот да биде уште поголем истакнатите се одлучиле да се истакнат со повикување на принципот на пропорционалност, без воопшто да го аплицираат, на прашање поврзано со надоместоци и бенефиции на функционери, а не ограничување на права или слободи. Притоа, целосно погрешно се прејудицира дека, на пример, оставка во секој случај подразбира некаква одговорност и несоодветно работење. А што е со оставките од здравствени причини на пример? За членот 19 од Законот претходно е посочено од други со прилично издржани аргументи и ништо не е образложено во одлуката во врска со тоа. Со соопштението на Уставниот суд дека одлуките мора да се извршуваат како што е одлучено само се покажува ароганција и не се надоместува непознавањето на материјата.

Можеби најиронично од се, од морален аспект, е фактот дека токму уставните судии сами со измена на својот Деловник си имаат определено дополнителни надоместоци и бенефиции и поради тоа некако ми делува дека го немаат ниту моралното право да „судат“ за ова прашање. Со вакви образложенија, со цели 170 до 180 предмети годишно и дополнителните работни места во службата што им беа доделени не мислам дека воопшто ги заслужуваат.

Четврто, (СУДСКИ СОВЕТ) конкретната законска одредба е укината зашто била спротивна на темелните вредности владеење на правото и поделбата на власта без воопшто да се приложи сериозна аргументација. Уставниот суд воопшто не погледна кои се Европските стандарди, што дала како мислење Венецијанската комисија во однос на законот, дали постои некаква контрадикторност во однос на други мислења на оваа комисија, како е тоа регулирано во други европски држави и слично. Апсолутно ништо од тоа. Се фатиле за различен третман како сите членови на Судскиот совет да се избрани на ист начин, сите имаат право на глас и слично. Јас не сум видел дека има уставна основа за одземање на правото на глас на Министерот за правда и претседателот на Врховниот суд. Дали и тоа е повреда на владеењето на правото и различен третман на членовите? Дали Собранието воопшто не смеело да прави разлика меѓу членови со и без право на глас?
Во однос на другиот аргумент, додека денес за Судскиот совет се повеќе се дискутира во насока на тоа дека советите се посебен тип на тело кое спаѓа во т.н. четврта гранка на власта поради тоа што тоа не е остварува судска власт, бидејќи не е суд туку еден вид на управно тело во рамките на судството, Уставниот суд тотално неиздржано истакнува аргументи за наводна повреда на темелната вредност на поделба на власта преку тоа што законодавната власт преку нејзини претставници(!) се меша во судската. Не-судските членови на Судскиот совет не се претставници на законодавната власта исто како што не можеме да кажеме дека уставните судии заради тоа што се избрани од Собранието се претставници на законодавната власт или пак претседателот или членовите на Владата. Следно, според Уставот судската власт ја вршат судовите кои се основаат со закон кој се носи со двотретинско мнозинство, Судскиот совет не е тоа. Значи, тотално непознавање на материјата.

Тоа што некој бил добар судија или имал (просечни) познавања од некоја правна област апсолутно не мора да значи дека ќе биде добар уставен судија. Постои сериозна разлика меѓу самото правно резонирање пред редовното судство и уставното судство и воопшто улогата и функцијата на овие институции. Ама што е тоа битно се додека е некој од „нашите“, а не од „нивните“. Доколку не се подготвени тој јаз во знаењето да го надоместат што побрзо, тогаш подобро да ја напуштат функцијата и да не прават штета понатаму. Треба да се поздрават обидите за враќање на угледот на Уставниот суд и некои позитивни исчекори кои се обидуваат да ги направат во оваа институција ама без соодветно образложени одлуки со аргументи и правно резонирање кое треба да биде пример и водилка за останатите на начин што ќе ја унапредува правната доктрина и култура тогаш од оваа институција ќе очекуваме повеќе штета отколку корист. ПР-от не ја покрива нестручноста.

Во секој случај лесно им е на уставните судии, не мора они да излегуваат пред студентите и да објаснуваат за состојбите со уставното право и уставното судство во државата. Неколкумина од нас го јадат нивниот срам и блам. Изгледа малку ни е и ова, кога допуштаме секој да станува уставен судија. Сега ќе ни се протне на мала врата (незаконска) и новата кандидатка на Судскиот совет. Ама за тоа во наредниот пост откако Судски совет ќе го усвои и објави записникот од седницата.

П.С Инаку, ова требаше да биде краток пост ама многу работи се собрале, а уште има…не се трпи веќе.