👁️  4681

Со нас денес е најдобриот фудбалски стрелец во Германија, Александар Стоилов – македонски фудбалер со постигнати 84 голови во една сезона, германските медиуми го споредија со големиот Роберт Левандовски.

АНАЛИТИКУМ: Здраво Александар, можеш да ни кажеш повеќе за тебе, кој е Александар, од каде доаѓаш и кои се твоите почетоци во фудбалот?

Здраво, пред се да ги поздравам читателите на Аналитикум и да се претставам, јас сум Алесандар Стоилов 22 години роден во Лудвигсбург Германија по потекло сум од Струмичко, Македонија.

Во однос на моите почетоците во Фудбалот, беа уште на 4 годишна возраст како дел од групата  „Бамбини “во  фудбалскиот клуб TV Möglingen во истоимениот Град во Германија каде се роди и мојата страст кон овој спорт.

Имам играно за повеќе германски фудбалски тимови: VFB Stuttgart, TS Dityingen, TV Pflugfeldn и од 2019 година играм за македонскиот фудбалски тим МК Македонија во Штутгарт.

АНАЛИТИКУМ: Можеш нешто повеќе да ни кажеш за овој македонски Фудбалски тим во Германија? Нешто за формирањето и функционирањето?

Фудбалскиот тим МК Македонија во Штутгарт постои од 1985, претходно настапуваше под друго име но по препорака на македонската дијаспора тука името е променето во МК Македонија под кое опстојува и ден денес. Тренер на овој клуб е господинот Живко Колев по потекло од Ново Село – Струмичко, со долгогодишно искуство како фудбалер и тренер како во Македонија така и во Германија и до сега одлично го менаџира и води нашиот клуб. Нашиот Тим моментално е во Регионална лига 3, но поради постигнатиот успех оваа година следната сезона настапуваме во Регионална лига 2 и се надеваме на уште поголеми успеси понатаму и влез  во погорните германски лиги.

АНАЛИТИКУМ: Дали Германија како моќна држава го поддржува спортот, конкретно нашиот фудбалски тим во Штутгарт?

Доколку си добар фудбалер и мотивирано се трудиш да дадеш се од себе на фудбалскиот терен секако во Германија има одлични можности за напредок. Германскиот фудбал претставува еден одлично организиран систем кој функционира и секој добар играч ќе биде препознаен и може само да ги реди своите успеси и дополнително да биде мотивиран. Во однос на финансиите за нашиот клуб МК Македонија можеме да се пофалиме со одличната соработка со нашите успешни Македонци кои живеат во Германија и особено голем придонес и главен спонзор за нашиот тим е господинот Јакимовски – македонски бизнисмен кој живее и работи во Германија, но исто така самиот фудбалски клуб со сопствени финансиски сретства.

АНАЛИТИКУМ: Како е да се игра во македонски тим и што е тоа што најмногу ве мотивира да играте за тим кој го носи името на нашата држава?

Во нашиот тим повеќето сме Македонци но имаме и други играчи претежно од Балканот. Самото име на нашиот клуб го претставува и името на нашата држава, логото кое е претставено со македонското знаме и кое што претставува дел од фудбалскиот дрес претставува огромна мотивација за мене и останатите играчи. Чувството за претставување на државата од каде потекнувам е дел од големата мотивација за сите нас кои сме дел од МК Македонија.

АНАЛИТИКУМ: Кои се можностите во иднина за напредок на овој тим во повисоките слоеви од германскиот фудбалски систем?

Како што веќе кажав, нашиот фудбалски тим од следната сезона веќе е пласиран во регионална 2 лига. Наша следна желба е освојувањето на Купот во Штутгарт и секако со добра игра и мотивација пласирање на нашата екипа што повисоко. 

АНАЛИТИКУМ: Дали спортот ги обединува Македонците кои живеат и работат во Германија?

За тоа можам да кажам дека ние како тим сме презадоволни од посетеноста претежно од наши Македонци кои живеат тука така што на секој натпревар имаме преку 300 навивачи – Македонци што претставува дополнителна мотивација за нас како тим.

АНАЛИТИКУМ: Неодамна бевте на многу насловни страници од германски весници но и многу медиуми ја споделија веста дека вие сте најдобриот стрелец во Германија за оваа година. Краток коментар околу тоа?

Минатата сезона беше одлична за сите нас како тим но исто така и за мене како фудбалски стрелец со постигнати најмногу голови во една фудбалска сезона на ниво на Германија. Нашето име МК Македонија а со тоа и името на нашата држава Македонија оддекна на многу насловни весници и беше топ вест кај голем број германски медиуми како што се германски Билд, Sky, Swr  и многу други.  Секако тоа е само една мотивација повеќе за поголеми успеси во иднина.

АНАЛИТИКУМ: Што ќе им порачате на нашите млади талентирани спортисти од нашата земја?

Би им порачал секогаш да бидат мотивирани, да дадат се од себе на теренот и само со тоа може да се стане успешен и  препознатлив во секој спорт. И секако да ја претставуваат и да се гордеат со нашата држава.