
Со нас денес е добро познатиот македонски бенд КОД 369 кој потпиша петгодишен ексклузивен издавачки договор со најголемата издавачка куќа во регионот КРИАЦИЈА РЕКОРДС, нивната музика често може да се гледа на Ем-Ти-Ви Адриа а тоа е големо признание за нивната работа.
АНАЛИТИКУМ: Договорот со Кроација Рекордс несомнено е уште еден голем успех за македонската музика, благодарение на вас, дали сега е вистинското време и место да се освои регионот и музичкиот пазар за кој макотрпно работевте многу години?
Пред се нашата музика произлегува од најискрените и најдобронамерни чувства за промени кон подобро. Имаме големо искуство што не созреа и не направи компетентни да се наречеме солиден бенд кој создава квалитетна музикансо чија цел е да ја придвижи индивидуата кон најдобрата верзија од себеси а со тоа и општеството. Наша голема желба е да го отвориме патот за модерната накедонска музика како кај нас така и во регионот.

АНАЛИТИКУМ: Освен со вас, со кои други познати музички имиња соработува издавачката куќа Кроација Рекордс?
Артисти на Кроација Рекордс се најпопзнатите музички имиња во регионот, како поединци така и бендови. Почнивајки од легендите како Арсен Дедиќ, Оливеер Драгоевич Јосипа Лисац, Тереза Кесовија, Мишо Ковач и дино Дворник па се до бендовите како Парни Ваљак, Бјело Дугме, Дивље јагоде и Црвена јабука.
АНАЛИТИКУМ: Како е насловен вашиот нов албум и на кој јазик ќе биде издаден?
Нашиот нов албум е насловен ‘Stages of Love’ – „Стадиуми на љубовта“, истиот е на англиски јазик со бонус трака Права љубав која е специјално преведена и снимена на Хрватски јазик за Кроација рекордс.

АНАЛИТИКУМ: Што сѐ може да се најде на него, колку време се создаваше и кој сѐ работеше на него?
На албумот ќе се најдат 11 композиции кои ги опишуваат различните стадиуми и форми на љубовта. Овој албум е работен со голема посветеност и љубов, како што всушност работиме на сите наши музички дела. Работен е во нашето Студио Ателје од снимање до краен производ, а мастерингот е правен во студиото Про Саунд. На албумот работеше цел бенд, музиката е на Даниел а текстовите се на Ирена.
АНАЛИТИКУМ: Дали размислувате за ваша музичка соработка со други бендови и артисти?
Се разбире, секогаш сме отворени за соработка. Сигурни сме дека соработката со Кроација рекордс ќе ни отвори уште повеќе такви можности. Во најблиска иднина ќе реализираме една за нас многу драга соработка со врвниот македонски пијанист Бобан Мирковски, кој ќе ни биде специјален гостин на концертот на КОД 369 на Бит Фест. Воедно ја каниме публиката да го погледне и слушне концертот на 19ти Јули (вторник) во 21:30 часот.

АНАЛИТИКУМ: Кои артисти извршиле најголемо влијание на вас како музичари?
Воглавно нашите влијанија се од од англиското говорно подрачје и од начинот на кој се музицира таму. Имаме различни влијанија од различни стилови, од кои можене да ги издвоиме Ју-ту, Лени Кравиц, Масив атак, Мјуз и Гарбиџ.
АНАЛИТИКУМ: Дали е лесно да се опстои толку години на високо ниво на музичката сцена во Македонија?
Кога се сака лесно е се. Сепак како и во секоја работа треба многу труд, посветеност, знаење и се разбира пред се истрајност, бидејки и Рим не бил изграден во еден ден.
АНАЛИТИКУМ: Дали имате најдраг ваш настап и концерт?
Имаме многу драги концерти како телевизиски така и фестивалски. Без разлика дали се тие концерти на мали сцени за мал број на публика или на големи сцени со огромни гледалишта, најдраги ни се тие на кои сме воспоставиле најубава врска меѓу нас и публиката.

АНАЛИТИКУМ: Кои се вашите предизвици во иднина?
Многу гостувања, уште повеќе музика и придонес кон убавите нешта кои го прават животот вреден.
АНАЛИТИКУМ: Дали културата може да го спаси светот?
Длабоко веруваме во тоа. Културата и уметноста се невидливата движечка силе која на сите луѓе им дава волја и инспирација. Ако уметноста дава убави пораки и е квалитетна и естетски вредна, тоа може да влијае врз мислите, навиките и постапките на цели генерации.

АНАЛИТИКУМ: Што би промениле во нашето општество и кај луѓето?
Многу ни недостигаат врсниците и роднините кои од различни причини не живеат во Битола. Во идеален свет би можеле сите заедно од тука да го направиме нашиот животен простор нетоксичен во физичка и духовна смисла, и како што сега нема поубаво место за живеење од Битола, тогаш би било идеално.
АНАЛИТИКУМ: Каде може да ве контактираат луѓето?
На нашата веб страна code369.mk, и веб страната на нашиот менаџерски тим Баги комуникации bagicommunications.com.
АНАЛИТИКУМ: Што ќе им порачате на нашите читатели?
Да му се радуваат на секој ден. Да веруваат и да сакаат.
