Дали започнува економскиот колапс во Македонија? Ова е логично прашање кое следува откако еден од најголемите индустриски капацитети во Македонија Еуроникел индустри ДОО Кавадарци става клуч на своите производствени погони.
Еуроникел е трговско друштво за ископ на руди, производство на метали, трговија и услуги кое има децениска историја на успешна работа и со години е помеѓу 200-те најуспешни компании во државата.
Годинава поради економската, но и енергетската криза, компанијата е принудена да прекине со работа и да ги испрати сите вработени на принуден одмор.
Иако во изминатите два месеци се спровел ремонт на целокупната опрема и немало производство со надеж дека ќе се подобри состојбата со цената на струјата овој септември, ситуацијата доополнително се влошила.
Од раководството на компанијата се приморани да ги испратат сите вработени на платен принуден одмор кој ќе се имплементира во пракса веќе од наредната недела.
Приватните компании електричната енергија ја набавуваат на слободниот пазар за разлика од граѓаните кои цената на струјата која ја плаќаат е субвенционирана.
Цените на струјата на слободниот пазар во изминатите неколку месеци достигнаа вредности и од 1000 евра за мегават час, а во наредните месеци се очекува цената на струја дополнително да расте.
За жал веројатно ова е само првата од многуте компании во Македонија кои со години успешно работеле, а сега поради енергетската криза ќе бидат приморани да стават клуч на врата.
Koмпанијата Еуроникел како и целиот бизнис сектор спасот од кризата ќе го бара во помош од државата.
Пред малку заврши советот за безбедност на кој присуствуваа претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски, заедно со претседателот на Република Македонија Стево Пендаровски.
– Денес на Советот за безбедност разговаравме за енергетската криза и мерките и начините за справување со последиците од истата. Овие разговори не се нималку лесни, но сепак можам да констатирам дека имавме продуктивен, добар и успешен состанок. Оваа горлива тема е во фокус веќе подолго време, кризата трае одамна и од последниот квартал минатата година и ние како Влада, како држава преку антикризните мерки ефикасно се справуваме со неа и овозможивме ценовните шокови да се ублажат и за граѓаните и за стопанството. Но во моментов ситуацијата на светско ниво е алармантна, цените на берзите се превисоки, постои реален проблем со недостаток на електрична енергија во Европа. Повеќепати спомнувам, ова ќе е најтешката зима во поновата светска историја, изјави Ковачевски.
На дневен ред на седницата на Советот за безбедност единствена тема беше токму енергетската криза во Македонија, како и мерки за нејзино надминување.
Покрај членовите на Советот за безбедност, на седницата присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за економија Крешник Бектеши.
На 25.08.2022 година Владата прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор и кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје.