👁️  96

Европската комисија е загрижена поради измените на Кривичниот законик кои како што пишува во реакцијата се донесени забрзано и со злоупотреба на европското знаменце. Според Европската комисија таквите измени директно ќе влијаат врз повеќе случаи за корупција на високо ниво и нивно застарување.

Со измените на Кривичниот законик, кои минатата недела беа донесени во скратена постапка, се намалија казните за функционери и јавни службенци за злоупотреба на службената положба, а се намали и времето на застарување на делата.

-ЕУ со загриженост забележува дека некои од измените на Кривичниот законик усвоени на забрзан начин од Собранието на Северна Македонија, а кои ги намалуваат максималните законски казни и имаат импликации врз примената на застареноста ќе влијае на голем број случаи на корупција на високо ниво. Жалиме поради недостатокот на сеопфатни консултации со домашните чинители и со Европската комисија пред нивното усвојување, како и за употребата на процедурата за знаменце на ЕУ, која треба да биде конзистентна и јасно поврзана со законите кои првенствено имаат за цел усогласување на националното право со ЕУ, стои во ставот на Европската комисија, даден како одговор на прашање на ТВ 24

Во реакција на Европската комисија се вели дека Северна Македонија се обврза да го промовира владеењето на правото и да се бори против неказнивоста.

-Поради ова санкциите за корупциски активности мора да бидат ефективни, пропорционални и разубедувачки. Во овој контекст, зајакнувањето на довербата во правосудниот систем и несмалено справување со корупцијата, вклучително и преку солидно досие во истрагата, гонењето и конечното осудување на случаите на корупција на високо ниво е од клучно значење, изјавија од Европската комисија.

Европската комисија велат дека внимателно ќе продолжат да го следат развојот на владеењето на правото.