Кил ќе остане единствената екипа во групата А од Лигата на шампионите која ги има максималните четири победи, по четирите кола, откако вечерва на свој терен го надигра европскиот вицепрвак, Кјелце.
„Зебрите“ славеа со 35-31 во моќно второ полувреме или попрецизно моќна завршница. Беше 27-26 во 50. минута, а потоа Кил уфрли во посилна брзина.
До крајот на мечот само два шута не резултираа со гол, направи видлива разлика, која Кјелце не можеше да ја следи и заслужено дојде до триумф. Претходно, Полјаците го добија првиот дел со 16-15.
Најефикасните на мечот постигнаа по седум гола, Елефсен и Јохансон кај Кил, Турна и Шичко за Кјелце. Кил има осум бода, пред Кјелце, Алборг и ПСЖ по четири, со тоа што Данците и Французите утре треба да ги одиграат своите натпревари од ова коло. ПСЖ го пречекува Пелистер од 20.45, а битолчани влегуваат во таа средба како единствената екипа без бодови во групата.