👁️  978

Силни дождови и поплави го погодија централниот италијански регион Марке, при што загинаа најмалку осум луѓе, а четворица се водат како исчезнати, јавува агенцијата АНСА.

Локалните власти изјавија дека не очекувале ваква ненадејна „водена бомба“, при што наврнале 400 милиметри дожд во рок од два-три часа. Тоа довело до поплави во неколку градови во провинциите Анкона и Пезаро-Урбано.

„Не се очекуваше олку лошо време и затоа не беше огласена тревога“, изјави регионалниот шеф на цивилната заштита Стефано Агуци.

Снимките што ги објавија противпожарните екипи покажуваат спасувачи како со гумени чамци евакуираат луѓе во приморскиот град Сенигалија. Утрово, пожарникарите извлекле тело на маж кој загинал во налет на вода додека бил во својот автомобил.

И натаму се трага по преживеани. Меѓу исчезнатите се и жена и нејзината осумгодишна ќерка.