👁️  26

По завршување на продолжението на 131. седница и гласањето за новиот Деловник на Собранието синоќа во пленарната сала припадници на МВР извршиле увид на направената штета во инцидентот што го предизвикаа пратениците од Левица за време на амандманската расправа.

Претседателот на Собранието Талат Џафери за МИА денеска изјави дека натаму постапката треба да ја води обвинителството, или по пријава од полицијата или по допрен глас од она што се гледа дека се случувало на седницата од која има директен пренос како на Собранискиот канал така и преку веб – страната на Парламентот.

За тоа колкава материјална штета е направена дополнително ќе биде соопштено, вели тој, но таа, нагласува Џафери ќе треба да биде надокнадена од пратеникот Борислав Крмов од Левица, кој го искрши мониторот и друг инвентар на претседавачката маса во Пленарната сала.

– Ако некој од вработените направи штета на работа, тој го плаќа трошокот, посочува Џафери и додава дека така ќе биде и во овој случај.

Поради неможноста пленарните седници да се одржуваат во Салата за седници од денеска до санирање на штетата тие ќе се одржуваат во Големата сала со купола, вклучувајќи го и обраќањето на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

-Имајќи прeдвид дека во текот на денешната работа е направена материјална штета и е онеспособен системот за работа седниците на Собранието натаму до отстранување на штетата до поправка на оштетениот дел ќе се одвива во салата Купола. И утрешната свечена седница ќе се одвива таму, изјави претседателот на Собранието Талат Џафери по завршување на продолжението на 131. седница. Пленумот ќе продолжи со работа по оваа седница денеска во 11 часот.

Пратениците на Левица вчера предизвикаа инцидент за време на амандманската расправа за новиот Деловник за работа на Собранието. Борислав Крмов искрши дел од инвентарот вклучувајќи и монитор од претседавачката маса и се расфрлаше со листови од амандманите, а потоа нему му се придружи и Димитар Апасиев.

Фото: МИА архива