👁️  33

Најмалку двајца непознати мажи со прострелни рани примени се во текот на вчерашниот ден во Општата болница во Нови Пазар, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што соопшти агенцијата Бета, двајца ранети лица кои зборувале на српски јазик, сместени се во шок соба, и нивната состојба по укажаната помош е стабилна и тие се надвор од животна опасност.

Тие биле пренесени во таа здравствена установа вчера околу 15 часот.

-Зборуваат српски, но не сакаа да го откријат идентитетот, ниту како и каде се повредени, изјавил неименуван извор за Бета.

Од Општата болница во Нови Пазар не сакаа да зборуваат за медиумите.

Порталот Нова.рс објави дека во неделата вечерта припадници на МВР на Србија го обезбедувале влезот на хируршкото одделение во болницата во Нови Пазар, а како што информира Нова полицијата од утрово повеќе не е таму.

Бањска која се наоѓа на Косово и Нови Пазар во Србија, поврзани се со пат преку Рогозна, а на тој патен правец нема административен премин меѓу Косово и Србија.

Во неделата рано наутро дојде до вооружен конфликт во близина на манастирот Бањска на Косово, во кој загина еден припадник на косовската полиција, а друг е ранет. Според косовската полиција убиени се четворица вооружени лица од српска националност, тројца се тешко ранети, а петмина се уапсени.

Претседателката на Европското движење на Србите од Косово, Рада Трајковиќ за ТВ Нова изјави дека меѓу Албанците се зборува дека косовската полиција имала капацитет да се справи со луѓето кои упаднале во манастирот Бањска и дека ќе имало уште многу жртви, но дека меѓународната заедница ја одиграла таа улога и спречила повеќе жртви.

-Меѓународната заедница работеше на проектот за извлекување на тие луѓе кон централна Србија и нивно спасување, бидејќи што ќе се случеше ако беа убиени 30 луѓе? Имам сознанија дека имало дискусија и да некој морал да ги преземе тие луѓе и одговорноста за тие луѓе, рече Трајковиќ.