👁️  19

Двајцата македонски војници кои превентивно беа пренесени во болница откако се затруле со јаглерод моноксид додека црпеле вода од подрумот на Домот на културата во Чрна на Корошкем, утринава се вратени во сместувачкиот капацитет во Словенија, потврдуваат од ГШ на АРМ за Курир.

По целосните медицински испитувања тие се вратени назад и одлучено е денеска да не бидат ангажирани.

Медиумите во Словенија информираа дека осум лица се затруле со јаглерод моноксид. Меѓу нив имало и седум војници. Според изјавата на главниот медицински офицер на словенечката армија Роберт Карота, на гасот биле изложени 32 лица, од кои 18 припадници на македонската армија, шест припадници на словенечката армија и осум пожарникари.

Сите се надвор од животна опасност, а на превентивно лекување во болница биле испратени пет припадници на словенечката армија, двајцата припадници на македонската армија и еден пожарникар.

Словенија на почетокот на август беше погодена од силни поплави, во кои загинаа шест лица. Сто припадници на македонската армија беа испратени да помогнат во погодените подрачја во Словенија.