👁️  12

Во Прилеп и во месноста Карпалак денеска ќе бидат одбележани 22 години од загинувањето на армиските резервисти: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.

Високи државни делегации ќе им оддадат почит со положување цвеќе.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски ќе ја предводат делегацијата од Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија која на Карпалак ќе положи венец во спомен на бранителите.

Делегација на Собранието во состав: Миле Талевски, Олга Лозановска и Ане Лашкоска, ќе положи свежо цвеќе пред комплексот Карпалак, во центарот на Прилеп.

Во Прилеп вчера почна одбележувањето на 22-годишнината од загинувањето на прилепските армиски резервисти кај „Карпалак“ со поклон пред спомен обележјето во кругот на касарната „Мирче Ацев“. Почит на загинатите пред спомен-обележјето во касарната делегации на АРМ, Владата и Општината, како и семејствата на загинатите и здруженија на бранителите.

Во чест на загинатите бранители, беа посетени нивниот споменик во прилепското село Лениште и манастирот „Света Петка“ во ова село.

На 8 август 2001 година, за време на конфликтот, кај месноста Карпалак, на патот Скопје – Тетово, армискиот конвој беше нападнат од заседа. Животот го загубија десет резервисти на Армијата.