👁️  26

Дури 36 отсто од момчињата и три проценти од девојчињата на 15-годишна возраст имале сексуално искуство. Стапката на тинејџерска бременост кај нас е речиси трипати повисока од просекот на Европската Унија, покажуваат податоците што денеска ги објавија Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) и ХЕРА – асоцијација за здравствена едукација и истражување по повод Светскиот ден на контрацепцијата и Светскиот ден на безбедниот абортус.

Заштитениот сексуален однос, според пласираните податоци, е пракса само кај 20 отсто од девојчињата и 62 проценти од момчињата меѓу албанското население и кај 64 отсто од момчињата и 52 проценти од девојчињата меѓу македонското население. Меѓу младите до 29-годишна возраст, само 12,8 проценти користат контрацептивно средство.

Ниту едно од малкуте достапни модерни контрацептивни средства во земјава не е на Позитивната листа на лекови.

Од друга страна, иако буџетот за бесплатна модерна контрацепција за девојки и жени во ранливи ситуации предвиден со Превентивната програма за мајки и деца се зголемил од 100 илјади денари во 2022 година на 500 илјади денари годинава, бесплатна контрацепција, како што беше соопштено, добиваат само жените кои живеат во Скопје и тоа само преку Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.

И покрај тоа што годинава државата конечно обезбеди пристап до проверени информации за контрацептивните средства преку двојазичната веб-страница https://kontracepcija.mk, што ја изработија Институтот за јавно здравје и ХЕРА, сепак државните политики и државните средства за покривање на контрацепцијата, како што беше нагласено, се незначителни. Ова го потврдува и Европскиот атлас на контрацепција, според кој нашата држава е оценета со само 46,9 проценти и котира меѓу земјите во црвена боја, заедно со Грција, Хрватска, Црна Гора, Русија, Белорусија, Турција и Унгарија.

Кога станува збор за безбедниот абортус, во текот на минатата и на оваа година, МАГО и ХЕРА обучиле 100 гинеколози за примена на медикаментозниот абортус – абортус со лекови, кој претставува многу поедноставна процедура за прекин на бременоста од хируршкиот, поради што, како што беше соопштено, со лекови се изведуваат дури 80 проценти од абортусите во Европа.

Според Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА, и покрај тоа што медикаментозниот абортус многу повеќе се бара отколку хируршкиот, пристапот до оваа здравствена услуга е отежнат, бидејќи овие лекови не се регистрирани во земјата, па УГАК ги набавува единствено преку интервентен увоз.

– Овој процес може да трае долго, поради тоа што мора да биде во согласност со планот за јавни набавки кој, пак, подразбира низа административни процедури. Ова, пак, ја доведува во прашање достапноста на медикаментозниот абортус кој може да се спроведе само до 12. недела од бременоста, посочи Матевска.

Од Владата се бара во најкус рок да ја прошири Позитивната листа на лекови со најмалку едно модерно контрацептивно средство, годишно да се зголемува буџетот за бесплатни модерни контрацептивни средства и да најде механизам за што е можно повеќе државни болници да добиват соодветни количини, со што ќе се обезбеди рамномерен пристап до бесплатна контрацепција за жените од целата земја, како и да се регистрираат лековите за медикаментозен абортус и секоја година да се зголемува буџетот за нивна набавка.

Според претседателот на МАГО, професор доктор Глигор Тофоски, децата треба да добијат информации за сексуалното здравје уште пред да почнат со сексуалните односи.

– Колку повеќе информации имаат, дефакто научно е докажано дека тие повнимателно и подоцна влегуваат во сексуални односи, отколку оние деца на кои ништо не им се зборува, истакна Тофоски.

Весна Матевска, програмска раководителка на ХЕРА, вели дека сексуалното образование значи како да кажеш „не“, на она однесување што не ти се допаѓа.

– Како да го одбиеш притисокот од средината за рано стапување во сексуални односи. Сексуалното образование на некој начин ги подготвува младите како дури и да го одложат можеби првиот сексуален однос, што поради притисок на врсници, може да биде избрзан и многу често, незаштитен, нагласи Матевска.