👁️  1447

Многу ме трогна приказната на Ѓоко Ѓорчев која вчера се објави во вашиот медиум. Јас него не го познавам, но се што раскажал е вистина. Мојот внук Сале, кога загина, одеше на аеродромот да пречека пријател, ете, тоа бил тој, дури сега дознавам и јас- за ,,Фокус” раскажува популарниот српски пејач Драган Којиќ Кеба, по повод објавената исповед на Ѓорчев.

Вчера, на денот кога пред 33 години тој доживеал тешка сообраќајна несреќа во центарот на Белград, во која загинал неговиот пријател, српскиот музичар Саша Којиќ (26), Ѓорчев случајно дознал дека Кеба му бил чичко на починатиот другар.

Раскажуваше за пријателството со Саша, за тоа како ја доживеал трагедијата и за тешкиот период потоа, а сознанието дека Кеба е близок роднина на неговиот починат пријател многу го изненадило. Изрази желба да се запознаат, да ги споделат спомените, но и да ја поделат тагата.

Кеба пак, вели дека е благодарен што Ѓорчев раскажал за настанот, благодарен е на ,,Фокус,, што ја објави неговата приказна, бидејќи на тој начин тие двајцата по долги години добиле можност да се запознаат, да се присетат на Сале, чиј спомен го негувале.

-Таква му беше судбината… Единствено мојот Сале не преживеа… На Ѓоко му посакувам долг живот, и иако не го познавам, знам дека тој му беше голем другар. Се што раскажал е така, и убаво е што собрал сила и јавно раскажал, убаво е што вашиот медиум ја објавил оваа тешка животна приказна. Благодарам што не поврзавте, кога ќе имам настап во Македонија, секако дека ќе се видиме – ни изјави Кеба.

И Ѓорчев вели дека му е драго што Кеба посакал да се сретнат. Вели дека имаат многу теми за разговор, за минатите времиња, за нивниот Сале, кој засекогаш ќе останел дел од нивните животи.