Ракометната репрезентација на Македонија загуби на домашен терен од Португалија (23-29) во рамки на квалификациите за Европското првенство (ЕП) и така го доживеа првиот пораз пред домашната публика во СЦ „Борис Трајковски“ од 2015 година кога последен пат потклекна пред големиот фаворит Франција во квалификациски циклус.
Избраниците на Кирил Лазаров одиграа допадлив натпревар, му покажаа заби на големиот фаворит и иако подмладени, беа близу резултатски до противникот во текот на речиси целиот натпревар во Скопје.
Сепак, црните минути во кои се примија четири гола во низа на десет минути пред крајот го сторија своето и така се почувствува прв пораз на патот кон ЕП 2024 по врзаните победи над Турција и Луксембург. Шанса за реванш ракометарите ќе имаат во следните денови, кога гостуваат кај Португалците.
Дуелот тргна со повеќе грешки, а Македонија играше одлично во одбраната. Со зона 5-1, беа запрени брзите Португалци, но нападот правеше проблем. По дваесетина минути игра на семафорот во Скопје стоеше 4-6, а тоа е премалку.
Само два од четирите гола на Македонија беа од игра, останатите два од пенал ги дадоа Цветан и Филип Кузмановски. Во следниот период, Македонија промаши два пенали преку Цветан и Филип Кузмановски, а Португалија тоа го казни и се одлепи на 4-8.
Во периодот кој следеше Македонија константно бркаше, а најблиску што дојде до ривалот беше еден гол, но следеше исклучување на Ѓорѓиев по фаул во дефанзивата и настанаа проблемите на теренот.
Во 27. минута, Лазаров се обиде со „седум на шест тактика“, а откако Кузмановски направи пробивање за минус два, Мартинс со првиот погодок на мечот донесе три гола разлика (9-12). Таа позитива за ривалот беше и при 10-13, Серафимов реализира пенал за два гола негатива, а во последните 15 секунди од првиот дел, Португалија изнуди втор удар од седум метри кој го реализира за 11-14 на полувреме.
На стартот на натпреварот видовме една повнимателна Македонија во нападот, па преку Кузмановски и Џонов кои врзаа два гола, се дојде на 14-15.
Кога најмногу требаше, во елемент влезе Мартин Томовски кој беше главен фактор за кам-бекот на мечот. При 17-19, голманот на Вардар собра пет одбрани во краток период, а Серафимов беше сигурен пеналџија. Се дојде од прво израмнување по стартното на 19-19, а потоа по долг напад, Кузмановски со одличен гол донесе позитива за Македонија (20-19).
Но, по овој момент и блескави петнаесет минути на Македонија, темпото на игра падна. Избраниците на Лазаров како да загубија здив и на противникот му дозволија да влезе во серија. Португалците дадоа четири лесни голови во серија, па заминаа на 20-23 на нешто помалку од десет минути пред крајот. Во 58. минута, Португалците дојдоа до највисоката разлика од пет гола (22-27) и веќе беше јасен победникот.
Најдобар кај Македонија беше Филип Кузмановски со пет гола, пет реализации имаше и Мартин Серафимов, сите од пенал, додека Џонов заврши со три постигнати гола. Кај Португалија, Антонио Ареија имаше 10/10, пред Итуриза со четири гола.