👁️  33

Директорот на Оперативно-техничката агенција (ОТА), Зоран Ангеловски, денеска во 11 часот требаше да се појави пред зградата на Собранието и да одржи прес-конференција. Најавата за прес-конференцијата, која до медиумите вчера ја проследија од ОТА, дојде на само два дена пред истекот на петгодишниот мандат на Ангеловски – утре, 7 септември 2023 година.

Но, до медиумите утринава стигна ново известување во кое од Агенцијата наведуваат оти денешното појавување на Ангеловски пред новинарите ќе биде одложено на неопределено време „поради итни и неодложни работи“.

„Ве известуваме дека поради итни и неодложни работи, најавената прес-конференција на директорот на ОТА пред Собранието на РСМ во 11 часот се одложува на неопределено време“, гласи известувањето кое утринава ОТА го испрати до медиумите.

Актуелниот директор на ОТА, Зоран Ангеловски, во одговорите на прашањата на „360 степени“ пред два дена предупреди дека доколку ОТА остане без директор, тоа ќе создаде правен вакуум во раководењето со институцијата.

„Во Законот за Оперативно-техничка агенција (‘Службен весник на Република Македонија’ број 71/18 и ‘Службен весник на Република Северна Македонија’ број 98/19), иако се уредени повеќе прашања поврзани со надлежностите и раководењето на ОТА, не е уредено прашањето за раководењето на институцијата по истекот на времетраењето на мандатот на директорот од пет години, во случај кога на денот на истекот на мандатот сè уште не е завршена постапката за избор на нов директор, односно важечкиот закон не предвидува можност во тој случај кога истата е без легитимно избран директор со важечки мандат од страна на Собранието на РСМ, со институцијата да раководи друго лице (в.д. директор, заменик-директор, совет и слично), а со тоа ниту да се даваат овластувања за спроведување на законските надлежности на ОТА кои произлегуваат од директорот како единствено надлежно раководно лице“, изјави Ангеловски за „360 степени“.

Тој за раководител на оваа важна институција во синџирот за заштита на националната безбедност и борбата со криминалот беше избран пред точно пет години. Со двотретинско мнозинство во Собранието, Ангеловски беше назначен на чело на Оперативно-техничката агенција на 7 септември 2018 година, откако власта и опозицијата постигнаа договор за името од пристигнатите вкупно 14 кандидатури.

Неговиот петгодишен мандат, кој според Законот за ОТА е без право на реизбор, истекува утре.

И покрај ваквата околност, Собранието дури вчера попладне со 83 гласа „за“ и без „против“ и „воздржани“ ја изгласа предлог-одлуката за распишување оглас за избор на нов директор на Оперативно-техничката агенција.

Но, и покрај одлуката на Собранието да биде распишан оглас, останува прашањето – како ваквиот потег во последен момент ќе го реши проблемот со правниот вакуум што ќе настане, бидејќи ОТА утре останува без директор, а до изборот на нов ќе помине извесен период во кој Агенцијата ќе биде „обезглавена“.

Вчера од Делегацијата на ЕУ побараа властите да обезбедат континуитет во работењето на ОТА.

За директор на ОТА може да биде избрано лице кое е државјанин на Република Северна Македонија, да има стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС, односно VII/1 степен на образование во областите информатика, електротехника, компјутерска техника и информатика, телекомуникациско инженерство, безбедност, компјутерска безбедност, правни или економски науки. Исто така, се бара и минимум десетгодишно работно искуство во овие области по завршеното образование.

Огласот, кој треба да биде објавен денеска, ќе трае 10 дена од неговото објавувањето во „Службен весник“ и во уште три дневни весници од кои два на македонски и еден на албански јазик.

На 10 мај годинава, на 115. пленарна седница на Собранието, дојде предлог на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, Игор Јанушев, и на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, по скратена постапка да се донесат измени на Законот за ОТА. Тие предвидуваа мандатот на директорот да трае пет години или до изборот на нов директор (за да се обезбеди континуитет во функционирањето).

Потребата од носење на измените и дополнувањата по скратена постапка беа изгласани со двотретинско мнозинство – „за“ гласале 84 пратеници, „против“ биле двајца, а воздржани немало. Откако собранскиот спикер констатирал дека предлогот е усвоен, ги задолжил Комисијата за одбрана и бездбедност, како матично тело, и Законодавно-правната комисија да расправаат по предлогот во рамките на собраниската процедура.

Но, што се случило потоа, останува мистерија, бидејќи предложените измени не се вратени повторно на пленарна седница и не се изгласани.

Оперативно-техничката агенција (ОТА) како самостоен и независен државен орган беше формирана по реформите во безбедносно-разузнавачкиот сектор, односно поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК) по скандалот со масовното прислушување и Извештајот на експертската група на Европската комисија (ЕК) на чело со Рајнхард Прибе.

Со серија законски измени што ги уредуваа овие прашања и за кои беше потребно двотретинско мнозинство, УБК доби свој наследник во Агенцијата за национална безбедност (АНБ), која задржа (голем) дел од надлежностите, додека ингеренциите врз опремата и уредите за прислушување преминаа во ОТА.