👁️  229

Десната лента од автопатот Катланово – Петровец ќе биде пуштена за сообраќај до крајот на овој месец. Од Министерството за транспорт и врски информираат дека асфалтските работи се во завршна фаза, односно дека денеска се поставувал завршниот слој, а во следниот период ќе бидее поставена заштитната ограда и сообраќајната сигнализација.

Увид во градежните активности денеска извршиле министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми.

– Инвестицијата за рехабилитација на автопатската делница во должина од 11 километри, изнесува 6,2 милиони евра. Покрај рехабилитацијата, автопатот ќе се прошири и со уште една дополнителна лента за застанување. По изборот на новиот изведувач, градежните активности ја имаат потребната динамика и комплетно автопатската делница се очекува да биде завршена во рамките на рокот предвиден во договорот, односно до декември оваа година, информираат од Министерството.

Според министерот Бочварски, градежните работи се одвиваат со силна динамика.

– Надзорот и изведувачот нѐ информираа дека десниот коловоз ќе биде завршен за 20-тина дена, со што ќе се постави сигнализацијата и комплетно ќе биде пуштен за сообраќај. Претходно имавме проблеми со слабата реализација, но со изборот на новите изведувачи, сликата комплетно е сменета и оваа делница очекувам комплетно да ја пуштиме за сообраќај до крајот на годината. Ова е многу важна алка од Коридорот 10, бидејќи претставува главна патна врска за граѓаните на Северна Македонија, изјавил Бочварски.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта посочил дека со цел да се подигне безбедноста во сообраќајот отпочнато е со рехабилитација на левиот и десниот коловоз, што ќе бидат проширени со уште една лента.

– Работите се одвиваат со засилено темпо и очекуваме дека до крајот на годинава, како што е предвидено со договорот, ќе се испочитува рокот за градба, изјавил Рустеми.