👁️  5

Запознат сум со ситуацијата во Митровица и да, тоа е потенцијално ново жариште, но се надеваме дека ќе биде само на локално ниво и најмногу поради тоа што и двете страни се свесни дека тоа е чекор назад за двете страни, изјави на прес конференција во Битола, Даниел Браун, директор на Фондација Конрад Аденауер за Северна Македонија и Косово.

Според Браун, во моменталната глобална ситуација тоа е непожелно и се надевам, рече тој, дека ќе имаме можности тоа да го менаџираме.

-Во Битола зборуваме за безбедноста во регионот, но и безбедноста како глобален предизвик. За жал, се соочуваме со руската агресија во Украина од која денес е точно 600 ден. Но, исто така голема е веројатноста дека ќе се прошири конфликтот во појасот Газа, и затоа дискутираме за безбедноста како глобален предизвик и како да се најдат начини да се пружи отпор во овие предизвици. Воедно, јас сум и директор на Фондацијата за Косово, запознат сум со ситуацијата во Митровица. Да, тоа е потенцијално ново жариште, но се надеваме дека ќе биде само на локално ниво и најмногу поради тоа што и двете страни се свесни дека тоа е чекор назад за двете страни. Исто така, во моменталната глобална ситуација тоа е непожелно и се надевам дека ќе имаме можности тоа да го менаџираме, изјави Браун.

Загриженост за безбедносните состојби во Европа искажа и Катерина Јакимовска, претставник на Центар за европски студии Вилфрид Мартенс во Брисел.

-Важно е да се дискутира на оваа тема бидејќи иако идејата беше да дискутираме за настаните што се случија во Косово, но од минатата недела се соочуваме со нов интензивен конфликт во Израел, вчера се случи немил настан од терористичка природа во Брисел. Мирот и безбедноста се земени здраво за готово, но ние сепак треба да работиме на нив како врвен приоритет во регионот, порача Јакимовска.

На јавната дебата „Повторно за Балканот – помеѓу трансатлантскиот сојуз и надворешните влијанија во поглед на руската агресија во Украина“, проректорот Горан Илиќ, истакна дека Западниот Балкан треба час посокоро да се интегрира во ЕУ.

-Европската Унија пропушти многу шанси да го интегрира Западниот Балкан во нејзината структура, тоа е многу голем пропуст и има негативни импликации врз државите од Западен Балкан. Сега не смее да се дозволи да се одолговлекува процесот на интеграција на Западен Балкан и тоа треба да се случи што побрзо бидејќи тоа е и геополитичка потреба и околности, порача Илиќ.

На прес конференцијата што се одржа во Студентскиот информативен центар на УКЛО-Битола, поранешниот министер и македонски амбасадор во САД, Васко Наумовски, предочи дека за зачленување на Македонија во ЕУ, во земјава е потребен широк политички консензус.

-Во времиња кога стабилноста во Европа е сериозно загрозена од повеќе страни, сметаме дека најсигурниот начин за стабилноста на регионот е интеграцијата на Западниот Балкан во Европската Унија. Самата ЕУ од поодамна има нарушен кредибилитет на Балканот затоа што сите оние критериуми што беа потребни за членство во ЕУ на државите од Централна и Источна Европа во минатото, нашите држави одамна ги исполнија. Наша задача е да ги европеизираме сите стандарди во повеќе области и да успееме да го скратиме времето за преговори за членство во ЕУ. Критериумите за членство во ЕУ се јасно набележани пред повеќе години, и во тој поглед најзначајно за Македонија е да постигне напредок во политичките критериуми, во економските критериуми, како и во усогласувањата со законодавството, а сите останати чекори треба да бидат со еден широк политички консензус, и во таа насока доколку се најде заеднички јазик меѓу политичките партии и општествените фактори, би можело да се дојде до некакво решение, изјави Наумовски.

Учесниците на јавната дебата ги поздрави ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, проф. д-р Игор Неделковски.