👁️  110

Пандора можеби е масовен производител и не може да се пофали со којзнае колку рачна мајсторија за тие што ценат, ама е огромен производител и бренд – и први престанаа да користат природни и се префрлија на синтетички дијаманти.

Данскиот бренд Пандора во 2021 објави дека ќе почне во својот накит да користи исклучиво дијаманти од лабораторија, што ги прави прв голем играч во индустријата што сосема ги откачува природните.

Иако некои од дијамантските рудници работат етички, за многу од нив се известува дека искористуваат деца, не почитуваат човекови права и ја уништуваат околината. Како ресурс, дијамантите знаат да ги користат и владите, или одредени групи за финансирање војни – од таму и „конфликтни“ или „крвави“ дијаманти.

Алтернативата е дијаманти од лабораторија, физички и оптички идентични на природните – освен во начинот на кој се прават. Природните се карбонски атоми принудно кристализирани поради притисок и топлина. За ова се потребни милијарди години и се случува само околу 160 километри под зејмината површина. Технологијата што ќе ја користат од Пандора за нивните дијаманти се вика хемиска депозиција со пареа и се работи за ставање парче лабораториски дијамант во вакуум-комора за да се „израсне“ нов со топлина и плазма.

Значи за природни – милијарди години. За вештачки – неколку недели.

Првата колекција на Пандора со синтетички дијаманти се викаше Pandora Brilliance, со ланчиња, прстени и други типови накит. Прво почнаа ексклузивно да продаваат во Велика Британија, а во 2022 почнаа и ширум светот.

Чекорот е важен бидејќи синтетичките дијаманти стануваат сѐ попопуларни, но природните сѐ уште доминираат и повеќето големи брендови сѐ уште ги користат. Сепак, ниедна компанија не продава повеќе од Пандора, па одлуката да престане да продава дијаманти од рудник може да ја забрза транзицијата кон баталување на контроверзните камења.