👁️  19

Во текот на вчерашниот ден, противпожарните тимови интервенирале на вкупно 22 пожара, а активен се уште е еден – во Општина Македонски Брод, над с.Белица, кај месноста „Аргулица“, каде што гори ретка борова шума на непристапен и тешко пристапен терен, соопшти ЦУК.

ОД ЦУК укажуваат дека за време викенд има најмногу пожари на отворено. Апелираат до сите земјоделци и сточари да не ги палат стрништата и пасиштата, а до грѓаните да се воздржат од палење оган при престојот во природа. Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов вели дека сериозни врнежи нема подолго време и не се очекуваат барем до понеделник, вегетацијата е исклучително сува, дневните температури се уште се високи, а пожарникарите и пилотите се исцрпени и на крај на силите.

Во вчерашните изгаснати 21 пожар низ целата држава, гореле стрништа, сува трева, ниска вегетација, мешана и борова шума, отпадоци, а и овошни насади.

По еден пожар имало во 13 општини: Шуто Оризари, Чучер-Сандево, Студеничани, Прилеп, Крушево, Чашка, Росоман, Штип, Чешиново-Облешево, Зрновци, Свети Николе, Сарај и во Општина Ѓоче Петров. По два пожара имало во две општини: Долнени и во Старо Нагоричане. Четири пожари имало во Општина Куманово, конкретно во насела „Карпош“, кај с.Черкезе, с.Речица и кај „Никуљски Пат“ во населбата „Карпош’, каде што горела ниска вегетација и стрниште.

Пожари, како и другите итни случаи што претставуваат опасност за граѓаните, материјалните и природните добра се пријавуваат на 112 во ЦУК.