👁️  26

Бројот на загинати во сообраќајната несреќа што рано утрово се случи во северниот дел на Грција, во близина на границата со Северна Македонија се зголеми на четворица, откако на повредите им подлегна и четвртиот патник од автомобилот што се судри со автобусот од Србија, додека пак повредени се 49 српски туристи, според информациите на дописничката на МИА од Атина.

До несреќата, според информациите на МИА, веројатно дошло при директен судир на двокатниот автобус од Ниш што патувал кон Ставрос во Грција со патнички автомобил што се движел во спротивна насока.

Од ударот автобусот со околу 80 српски туристи излетал од патот, тројца од четворицата патници во автомобилот загиниле, додека пак подоцна и четвртиот, кој бил пренесен во болница им подлегнал на повредите.

Веројатно станува збор за грчки државјани.

По директниот судир налетало и второ возило со српски регистарски таблици кое удрило во првиот автомобил. Во него биле мајка и дете, кои не се повредени.

Од туристичкиот автобус, 49 патници се пренесени во три болници.

По сообраќајната несреќа што се случи кусо пред 7 часот утрово, автопатот од границата со Северна Македонија е затворен за сообраќај и во двата правци, а возилата се пренасочуваа кон стариот пат.