Медиумските компании контролирани од чешкиот милијардер и опозициски лидер Андреј Бабиш се продадени на инвеститорот Карел Пражак, јавија денеска чешките медиуми.
Компанијата „Агроферт“, која Бабиш ја контролира преку поверенички фондови, се согласи да ги продаде своите медиумски компании МАФРА и ЛОНДА и хемиски фирми на Празак, наведоа двете страни, но ниту една не откри финансиски детали.
Компаниите МАФРА и ЛОНДА ги поседуваат и дневните весници „Млада фронта Днес“ и „Лидове новини“, како и една од најголемите радиостаници во Чешка.
Бабиш се одлучи да ги продаде медиумските компании откако чешката Влада усвои нацрт-законот според кој членови на Парламентот и Владата не можат да поседуваат одредени медиуми, дури и преку поверенички фондови или поврзани субјекти.
Противниците често го критикуваа Бабиш, кој беше премиер од 2017 до 2021 година, дека ги користи медиумите под контрола на „Агроферт“ за своја политичка корист. (МИА)