Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски од ВМРО-БНД му се закани со атентат на македонскиот претседател Стево Пендаровски поради неговиот предлог да му биде забранет влез во Македонија.
“– Што претставува за нас една таква забрана? Да му порачам на Стево Пендаровски, наречен Стево Коминтерната и дека во минатото и други се обидувале да им забранат влез на лидери на ВМРО во Македонија, а последниот таков пример е со југословенскиот, со српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ. “
Ако се обидат да ми забранат влез во Македонија нека погледнат во историјата и нека учат од неа – рече Џамбаски и додаде дека не планирал да дојде во Скопје на 4 февруари, но откако слушнал за забраната, решил да присуствува.
Министерот Оливер Спасовски соопшти дека одлуката дали Џамбаски ќе биде вратен назад, ако се појави на границата на 4 февруари, ќе се носи тој ден.
Премиерот Ковачевски, пак, очекува одлуката за тоа дали ќе има или не забрана за влез за одредени лица да ја донесе МНР
Закана за атентат е одговорот на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски на предлогот на македонскиот претседател Стево Пендаровски да му биде забранет влез на Џамбаски во земјава.
Новото заострување на политичката реторика меѓу Скопје и Софија повторно го исфрла на површина прашањето кому му е во интерес постојаната напнатост меѓу двете земји.
Повод за ова не се само острите изјави на политичарите туку и информациите за планирани инциденти на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев, на 4 февруари, во Скопје.
Во таа насока македонската Влада го задолжи Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите мерки за обезбедување на реализацијата на настанот, но не решаваше за препораката за забрана за влез на неколку провокатори од Бугарија за да се спречат поголеми инциденти на 4 февруари во Скопје.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека треба да воведеме принцип кој ќе навреди на територија на Македонија, ќе го оспори постоењето на македонскиот народ или ќе покаже територијални претензии, истиот ден да му се забрани понатамошен влез во земјава.
Но, од ВМРО-ДПМНЕ не се задоволни од реакцијата на македонските власти кон провокациите на антимакедонските провокатори од Бугарија.
На предлогот на претседателот Пендаровски да им се забрани влез во државава на бугарски европратеник и неколку други лица, поради сомневања дека се поврзани со руската разунавачка служба, остро возврати поранешната шефица на бугарската дипломатија Екатерина Захариева.
„Претседателот Стево Пендаровски не ги штити интересите на својата татковина, туку служи на политиката на Србија и Русија на Балканот. Тој со своите изјави го кочи развојот на односите меѓу Софија и Скопје“, изјави Захариева во интервју за Бгнес.
За предлозите што Пендаровски ги даде за забрана за влез во Македонија на бугарски политичари, Захариева рече: „Искрено се надевам дека македонската влада нема да го почитува неговото барање, бидејќи тоа многу повеќе ќе ги ескалира билатералните односи. Ова ќе им служи на оние бугарски политичари кои не сакаат да ги пуштат на територијата на РСМ. Некои од нив, исто така, не помагаат за нормализирање на односите“.
И бугарскиот претседател Румен Радев остро го осуди предлогот на бугарски државјани да им биде забранет влез во државава, изјавувајќи дека ќе се активираат сите европски механизми за да се стави крај на, како што рече, оваа антибугарска омраза и хистерија.
“– Сега разбирате зошто толку се борев правата на македонските Бугари да бидат заштитени во Уставот на Македонија и тоа да биде задолжителен услов за почеток на преговори. “
“Значи, Македонија не ги ни започна преговорите. Таа сè уште не ја отворила вратата од просторијата каде што се водат овие преговори. “
“Очекувам институциите на Македонија да докажат не само дека не се дел од антибугарската кампања ова веќе не е доволно – крајно време е да докажат дека активно се борат против оваа кампања. “
“Во нашиот случај, бидете сигурни дека ќе се активираат сите европски механизми за да престане оваа антибугарска омраза и хистерија”, изјави Радев.