Бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов им се враќа на своите дипломатски должности во Северна Македонија во полн капацитет, откако минатата среда беше повлечен во Софија, потврдија од Министерството за надворешни работи за МИА.
По седницата на Комисијата за надворешна политика во бугарскиот Парламент на 25 јануари, техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија Николај Милков, најави дека нивниот амбасадор, Ангел Ангелов ќе биде повлечен од Скопје и ќе остане во Софија се додека, како што рече, не биде регистриран напредок во однос на третманот на македонските граѓани со бугарска самосвест во нашата држава.
Од бугарското МНР тогаш информираа дека „целта на консултациите е да се разговара за можностите за запирање на опасниот тренд на зголемен притисок врз граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест и за изгледите за понатамошен развој на билатералните односи“.