Божиновска: Нека делото на Светите Кирил и Методиј продолжи да нè обединува, да нè води и да нè потсетува дека знаењето е најсилната светлина на еден народ

Денес го славиме денот на писменоста, знаењето и духовната светлина. Денот кога се поклонуваме пред делото на Светите браќа Кирил и Методиј, чии мисла, визија и мисија оставија неизбришлива трага во историјата на словенските народи, во европската цивилизација и во нашата македонска самобитност, порача во честитката по повод Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

-Тие оставија писмо. Ни оставија пат кон знаењето, кон достоинството, кон културната слобода и кон нашето место во светот. Нивното дело е длабоко вградено во нашата историја, во нашиот јазик, во нашата култура и во чувството дека сме народ со корен, со паметење и со иднина – нагласи министрката.


Таа истакна дека македонскиот јазик, кој е рамноправен дел од европското и светското јазично семејство е наша должност со уште поголема љубов, грижа и одговорност да го чуваме и унапредуваме, она што ни е оставено како најскапоцено наследство.

-Верувам во младите генерации, во нивната енергија, знаење и храброст. Верувам дека токму тие ќе го негуваат нашето непобитно македонско културно и историско наследство и ќе ја водат државата мудро, чесно и одговорно. Нека делото на Светите Кирил и Методиј продолжи да нè обединува, да нè води и да нè потсетува дека знаењето е најсилната светлина што еден народ може да ја носи низ времето – наведе Божиновска во честитката.