Драги браќа и сестри!

„И Словото стана тело и се всели меѓу нас“ се зборови на свети Иван евангелист, што многу често ги изговараме во молитвата Ангел Господов. Станува збор за божественото Слово, Логосот, Синот Божји, кој е единосуштен со Отецот и кој е поврзан со Него во единството на Светиот Дух. Ова Слово, кое е од векови и според кое е создадено сè што живее и постои, се воплоти и се всели меѓу нас. Бог ја зеде човечката природа и стана еден од нас за да ни биде блиску и да не поврзе уште поблиску до себе, откако по наша вина се оддалечивме од Него. Бесмртниот Бог ја зеде човечката природа, зеде лик на слуга, за да нè направи негови синови и ќерки, кои бевме слуги на гревот и поради кои бевме предадени на смртта.

Бог доаѓа во светот како Дете. Дали ќе го примиме Божјиот Син? Дали ќе го примиме Детето Исус кое се наоѓа во јаслите и кое сака да нè обдари со својата љубов? Можеби ќе кажеме: Тоа секако го правиме, затоа што го празнуваме празникот Рождество Христово – Божиќ! Но, примањето на Исус бара повеќе: Треба вистински да веруваме во Спасителот на луѓето. Верата е непоколебливост на нештата на кои се надеваме, убедување во работи што не ги гледаме. Верата значи прифаќање на сведоштвото на Бога кој не сака и нема да нè изневери, бидејќи Бог е вистински и свет. Кој верува, тој се надева на Бога безусловно. Тој е подготвен да му го даде животот, да се потопи во него со сите нишки на неговото срце. Дали сме подготвени за таква вера во воплотениот Божји Син?