👁️  5

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел денеска потврди дека Јохан Флодерус, шведски дипломат кој работи за ЕУ, е задржан во Иран повеќе од 500 дена.

Пристигнувајќи на состанокот за развој во шпанскиот град Кадиз, Борел истакна дека Брисел „немилосрдно притиска“ за ослободување на 33-годишниот дипломат.

Флодерус, кој работел за Европската служба за надворешни работи, бил приведен на аеродромот во Техеран во април 2022 година додека се враќал дома од одмор, објави вчера Њујорк Тајмс. Тој е во затворот Евин во иранската престолнина повеќе од 500 дена.

Флодерус извршуваше неколку позиции во ЕУ. Тој служеше како помошник на европскиот комесар за миграција, Илва Јохансон, и се приклучи на ЕЕАС во 2019 година.

ЕУ и шведската влада до вчера не откриваа детали за апсењето. Европската комисија вчера се воздржа од давање конкретни коментари за овој случај, што предизвика жестока расправија меѓу новинарот на Њујорк Тајмс, кој ја објави приказната, и портпаролот на ЕУ за време на дневниот брифинг за медиумите.

Во изјава за „Политико“ шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром рече: „Владата работеше – и работи – многу интензивно на овој случај“. – Посоченото лице е произволно лишено од слобода и затоа треба веднаш да биде ослободено. Оваа порака е пренесена, вклучително и од мене лично. Освен тоа, не можам да навлегувам во повеќе детали, потенцираше Билстром.

Петер Стано, портпарол на Комисијата за надворешни работи и безбедносна политика, преку соопштение порача дека Комисијата е во контакт со шведските власти поради нивната конзуларна одговорност. Тој не потврди дали Флодерус се уште е вработен во ЕЕАС.

– Овој случај, исто така, треба да се гледа во контекст на зголемениот број произволни притворања на граѓани на ЕУ, рече Стано. – Ја искористивме и ќе продолжиме да ја користиме секоја можност да го поставиме прашањето со иранските власти за да постигнеме – во тесна соработка со вклучените земји-членки – ослободување на сите произволно приведени граѓани на ЕУ, потенцираше Стано, пренесува „Политико“.