Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Јозеп Борел денеска изјави дека Европската унија мора да покаже солидарност со Италија додека таа земја се бори со зголемениот број мигранти и бегалци кои пристигнуваат на нејзиниот јужен брег.
„Мораме да ја покажеме сета наша солидарност со Италија во овој тежок момент. Европската унија ќе стои покрај Италија“, изјави Борел во интервју за „Франс 24“ и Радио Франс Интернационал, пренесуваат италијанските медиуми.
Тој изјави дека е потребна гранична политика која ги надминува безбедносните мерки и подразбира и договори со транзитните и земјите на потекло.
„Потребни ни се договори кои ќе ни овозможат да ги прифатиме мигрантите што ни се потребни, но и со кои ќе биде овозможена депортација на илегалните мигранти кои залудно ги ризикуваат своите животи“, рече Борел. (МИА)