👁️  12

Високиот претставник на Европска Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска ги повика руските власти веднаш да го ослободат опозиционерот Алексеј Навални.

Европска Унија повикува на негово итно и безусловно ослободување, напиша Борел на Твитер додавајќи оти новата пресуда против Навални е „политички мотивирана“.

Рускиот суд денеска го осуди Алексеј Навални на дополнителни 19 години затвор поради екстремизам. Тоа е трета затворска казна и оваа е најдолга.

Најжестокиот 47-годишниот критичар на рускиот претседател Владимир Путин веќе издржува 11-годишната затворска казна под обвинение за измама и други наводни злосторства, за кои тој тврди дека се исто така лажни.

Неговото политичко движење претходно беше прогласено за нелегално и означено како „екстремистичко“ од страна на руските власти.