👁️  8496

Имаме чест со нас денес да биде Бојан Велевски, најдобриот стенд ап комичар во Македонија, може да се каже и највлиателен преку неговата работа на социјалните медиуми. Важите за актер кој буди убави носталгични и богати детски денови со сериите „Големи и маaли“, „Светот има осум страни“, „Наше Маало“ исто така имате многу играни филмови и претстави, имате богата актерска кариера.

АНАЛИТИКУМ: Како влијаеше Ковид пандемијата на вас што добивте и што изгубивте?

Со оглед на тоа дека 17-та, 18-та и 19-та година сработив околу 180 настапи низ Македонија и Балканот, 2020-та година секако ми беше во план да се повлечам од настапите и да се посветам на социјалните мрежи и на пишување нов материјал. Короната само ми ги убрза некои планови, а и морав да се прилагодам на актуелните теми.

АНАЛИТИКУМ: Кои се вашите предизвици со кои се соочувате во изминатиот период?

Паралелно настапи и пишување нов материјал, како и постојана активност на социјалните мрежи бара многу енергија. Тука не ги сметаме и домашните обврски.

АНАЛИТИКУМ: Ваше согледување за ситуацијата во кое се наоѓа нашето општество?

Поделено, ненормално, испревртени морални вредности, а како резултат на тоа е и иселувањето на народот.

АНАЛИТИКУМ: Што би промениле во нашето општество и кај луѓето?

Би сакал како општество да сме посветени многу повеќе на економијата, културата и спортот, наместо на политиката.

Кога ова ќе профункционира и кај луѓето ќе се менуваат и навиките и ставовите за некои клучни работи во меѓучовечките односи.

АНАЛИТИКУМ: Дали имате најдраг настап кој ќе го паметите?

Имам неколку. Првиот во ресторанот Every Day пред десет години. Првиот во Џубокс и првиот во Загреб, како прв македонски комичар кој настапил во Хрватска.

АНАЛИТИКУМ: Дали ликот кој го игравте Ице од Наше Мало вака го замислуваше светот?

Ице, беше мало дете, без татко, во сиромашно семејство и со несигурна иднина, но големо срце. Дете од улица, но со искрен поглед кон другарите и светот. Секако дека би се разочарал кога ќе види што се’ луѓето се приморани да прават за да преживеат.

АНАЛИТИКУМ: За вас политичарите се конкуренција или инспирација?

Конкуренција… изминативе 5 години особено. Освен лапсузи и глупости не видовме ништо друго. Не дај Боже странска инвестиција.

АНАЛИТИКУМ: Имавте неколку напади на вашата фан страна дали беа обиди за ваша цензура?

Дефинитивно. И ова не е прв пат. 2020-та пред изборите имав сличен напад. Пред Нова година исто така. Но, нема предавање. Сега пробаа пред некој ден, ама им се случи народ! На 20-на ботови, реагираа над 250 луѓе кои застанаа во моја одбрана. Се’ додека публиката е тука, ништо не ми можат!

АНАЛИТИКУМ: Дали твојот хумор и твојот став на некого му смета, па последните денови исто бевте изложени на организорана хајка каде сакаа да ве дискредитираат, како го гледате ова?

На твитер постојано го прават тоа. Сега, веќе во очај се паднати, немаат со што бидејќи зад мене нема дамки, туку само успеси, последно почнаа да ме ставаат во скут на ВМРО бидејќи имав еден настап за УМС на школка. Јас би им одговорил – платете ме и вие и ќе настапам и за СДММ и за Црвена Младина на Левица и за секој оној кој е подготвен да плати за моите услуги.

АНАЛИТИКУМ: Во една детска серија го игравте ликот на Чоко кој беше одлучен да порасне, од денешна перспектива дали вредеше да се порасне?

Кога сме деца брзаме да пораснеме и да ги носиме кондурите од тато или девојките штиклите од мама. Дури сега сфаќаме колку сме биле грешка!

АНАЛИТИКУМ: Каде може да ве контактираат луѓето?

На моите фан страни на фејсбук и на инстаграм, има телефони на кои може директно да разговараат со мене или со мојот менаџер. Исто така во инбокс или DM на инстаграм. Отворен и приступачен сум за сите.

АНАЛИТИКУМ: Што ќе им порачате на нашите читатели?

Сакајте си ја Македонија во овие тешки времиња, сакајте си ги своите чеда, своите најблиски и чувајте си го здравјето.