👁️  12

Во организација на невладиното здружение Хрватска-македонска тангента, од денеска до 5 септември во Шибеник и Зларин ќе се одржуваат четвртите Денови на македонската култура.

Свеченото отворање е вечер, во Музејот на град Шибеник, а ќе присуствуваат истакнати личности од општествениот живот на Хрватска и Северна Македонија.

Утре програмата продолжува на островот Зларин, со меѓународната книжевна средба „Од остров на копно, кон остров на море“ на која ќе учествуваат поети, писатели, публицисти и новинари. Овој настан се организира од 2014 година.

-Посетителите ќе имаат можност да се нурнат во различноста на македонската култура преку низа трибини, предавања и изложби. На манифестацијата особено се истакнува спојот на традицијата и современоста, а интересен сегмент ќе биде филмската проекција „Балканот не е мртов“, на реномираниот македонски режисер Александар Поповски кој ќе биде присустен на настанот. Учесниците од Македонија и Хрватска утре ќе зборуваат за влијанието на традицијата врз современата култура и уметност на трибина во Хрватскиот центар за корали на Зларин каде потоа ќе биде прикажан филмот „Балканот не е мртов“, информираат организаторите.

На програмата е и литературната содржина „По трагата на пишаниот збор“ која ќе се одржи, исто така, утре, во Зларин, во Трутини двори. Поети, писатели и публицисти од Скопје, Загреб, Задар, Сплит и Шибеник ќе читаат свои песни или фрагменти од нивните напишани дела. Во оваа пригода ќе биде претставено богатото книжевно творештво на Томислав Османли, познат македонски писател, сценарист, драматург и новинар. Потоа следува ликовната изложба „Море“ од авторката Гојка Скориќ Пелајиќ, а на 4 септември во Градска библиотека „Јурај Шижгориќ“ во Шибеник предвидена е изложбата „Перото пишува со срце – Христово“ од Христо Петрески, писател и уметник од Скопје. На 4 септември во Музејот на град Шибеник е закажано и предавање „Еко туризам и одржливост на дестинацијата“ на директорот на владината Агенција за промоција и поддршка на македонскиот туризам Љупчо Јаневски.

-Подготвивме серија дискусии и предавања кои ќе ги истражат општеството и современите предизвици, како во Македонија, така и во Хрватска. Деновите на македонската култура во Шибеник и Зларин нудат можност за сите генерации да се поврзат со уникатната и богата култура на Македонија и да создадат трајни спомени. Настанот претставува можност да се патува низ сопственото културно наследство и да се отвори прозорец кон друга култура. Оваа манифестација ветува дека ќе ги направи Шибеник и Зларин центар на македонската култура и уметност во овие инспиративни денови од 2 до 5 септември., вели Сашо Георгиевски, претседател на Хрватско-македонска тангента.

Деновите на македонската култура се одржуваат по повод 8 Септември – Денот на македонската државност. Покровители се Советот за национални малцинства на Република Хрватска и градоначалникот на градот Шибеник, Жељко Буриќ, а настанот се реализира со поддршка на градот Шибеник, Туристичките заедници на Градот Шибеник, Шибеничко-книнската жупанија и Зларин, тврдината на културата ЈУ Шибеник и Хрватскиот центар на корали Зларин, Градскиот музеј Шибеник и градската библиотека „Јурај Шижгориќ“. Медиумски покровител ТРИС и радио Ритам.  (МИА)