👁️  936

Еурофарм Пелистер 2 во новата сезона ќе влезе со нов капитен. Тоа ќе биде средниот бек Стефан Талевски, кој долги години е во клубот. Талевски ќе го замени легендарниот Васко Димитровски, кој реши да ја заврши кариерата и во новата сезона ќе биде кондициски тренер во клубот.

39-годишниот кружен напаѓач прекинува со активното играње на 39 години и по 27 сезони дружба со ракометот.

Битолчанецот кој потекнува од Еурофарм Пелистер, практично цела кариера ја мина во матичниот клуб, со исклучок на една сезона која ја мина во тимот на Вардар во еден од мандатите на Веселин Вујовиќ (2012/2013).

Димитровски кратко играше за Прилеп и Охрид, а една полусезона мина и на меѓународна сцена. Пивотот настапуваше за унгарскиот Егер Естерхажи и прикажуваше одлични партии, во сезоната 2015/2016.

Сепак реши тогаш да се врати во Битола, каде што остана до крајот на кариерата. Последната сезона му помогна на младиот тим да избори место во Лигата на Европа. Во неговата кариера девет пати играше во европските купови, осум со битолскиот клуб и еднаш со Вардар. Своевремено одигра неколку натпревари и репрезентацијата на Македонија.