Реал Мадрид ги израдува своите навивачи и со пресврт славеше над Хетафе во четвртото коло од Примера, (2-1). Најтрофејниот европски клуб долго се обидуваше да дојде до целиот плен, и на самиот крај успеа да го „скрши“ незгодниот ривал.
Извештај од натпреварот:
Натпреварот започна во знакот на гостите кои ѝ приредија „студен туш“ на домашната публика. Хетафе успеа да поведе со 0-1 преку Борха Мајорал во седмата минута и умешно ја сочува предноста до крајот на првото полувреме.
Во вториот дел се очекуваше дека Реал ќе тргне многу посилно во обид да стигне до пресврт и момците на Карло Анчелоти влегоа со фуриозен пристап. „Кралевите“ веднаш успеаја да израмнат и по само две минути игра резултатот беше 1-1. Стрелец на голот беше Хоселу, а Реал доби уште поголема мотивација за остатокот од мечот.
Домашните играчи создаваа шанси и се трудеа на сите начини да дојдат до комплетен пресврт, но Хетафе во дефанзивата изгледаше сосема солидно. Реал имаше девет обиди во рамките на голот, а гостинската одбрана конечно беше „скршена“ во 95. минута преку одличниот Џуд Белингем. Конечниот резултат гласеше 2-1, за голема радост на публиката која во огромен број дојде на „Сантиаго Бернабеу“.
„Кралскиот клуб“ сега има максимални 12 бода од четири натпревари, додека Хетафе останува со четири бода по исто толку натпревари во новата сезона од Примера.