👁️  152

Веќе е почнат трендот на намалување на цените на основните прехранбени производи наведени во одлуката на Владата, а ќе се случи и кај другите производители откако ќе ги потрошат залихите на претходно набавените производи по повисоки цени, истакна денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

-Кажавме дека очекуваме да има намалување на цените од 7 до 12 отсто, но тоа не е возможно да се случи моментално. Субвенцијата што ја даваме во делот на електрична енергија почна да се реализира од 1 декември во делот на компаниите, вклучувајќи ги основните, средните училишта, јавните комунални претпријатија и сл. и веќе компаниите започнаа да формираат нови цени кои ќе ги нудат на пазарот, рече Бектеши во одговор на прашање пред почетокот на Словенечко – македонскиот форум за економска соработка.

Посочи дека и до 1 декември супермаркетите не биле празни и имале производи кои биле набавени по повисоки цени.

-Во нивните магазини имаа залихи на производи, и домашни производи кои користат дистрибутер и производи кои се увезуваат во нашата држава. Тие залихи се набавени со различни цени. Новите залихи се набавуваат со други цени кои се пониски од претходните, што значи дека претходните залихи треба да се потрошат. Најверојатно ќе се потрошат оваа недела или на почеток на наредната недела, по што ќе се забележи дека ќе има намалување на цените на тие производи во синџирите на супермаркетите, појасни Бектеши.

Истакна дека кон крајот на ноември беше усвоен Законот за потрошувачи и веќе е во сила.

-Како и секој закон кој се усвојува и овој има рокови за да почне да се имплементира, а Државниот пазарен инспекторат е надлежна институција која го имплементира тоа законско решение, рече Бектеши.