👁️  271

Американскиот претседател Џо Бајден го започна својот говор пред собранието на ОН со жестока реторика против Русија.

Постојана членка на Советот за безбедност на ОН го нападна својот сосед, се обиде да избрише суверена држава од мапата. Русија бесрамно ги прекрши основните принципи на Повелбата на Обединетите нации“, рече Бајден и го обвини рускиот претседател Путин дека предизвикува „брутална непотребна војна“.

„Во последната година, нашиот свет доживеа голем пресврт и брутална, непотребна војна што беше избрана од еден човек“, рече Бајден.

Бајден вели дека Владимир Путин отворено ѝ се заканувал на Европа со нуклеарно оружје, додавајќи дека Русија повикува повеќе војници во борбата и дека Кремљ се обидува да анектира делови од Украина.

Светот треба да ги види овие срамотни дејствија какви што се“, рече тој.Бајден додаде дека војната е започната со цел да се уништи правото на Украина да постои како држава и правото на Украинците да постојат како народ. „Каде и да сте, каде и да живеете, во што и да верувате… Тоа треба да ви ја заледи крвта“, рече Бајден.

„Ако нациите можат да ги остварат своите империјални амбиции без последици, тогаш ние го загрозуваме сето она за што оваа институција се залага“, рече американскиот претседател.

„Украина ги има истите права што ѝ припаѓаат на секоја суверена нација. Ќе се солидаризираме со Украина против руската агресија и насилство“, рече Бајден.

Тој нагласи дека Русија ја прекршила Повелбата на ОН, која има за цел да ги спречи земјите да се напаѓаат меѓусебно без причина. Тој, исто така, рече дека е време да се промени начинот на кој функционира глобалното тело, вклучително и проширување на Советот за безбедност од неговите сегашни пет постојани членки.

„Исто така, верувам дека дојде време оваа институција да стане поинклузивна за да може подобро да одговори на потребите на денешниот свет. Членките на Советот за безбедност на ОН, вклучително и Соединетите Американски Држави, треба доследно да ја поддржуваат и бранат Повелбата на ОН и да се воздржат од користење на ветото, освен во ретки, вонредни ситуации“, рече Бајден.