👁️  488

Автобусите во двете бази на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) во Ѓорче Петров и Автокоманда од 4:30 часот утринава не тргнаа по возниот ред. Работниците се собрани во кругот на базите и протестираат, барајќи исплата на септемвриската плата. Во меѓувреме, приватните превозници продолжуваат да возат по нивниот распоред.

Најавата за протестот и прекин на работата беше соопштена уште вчера, откако вработени во ЈСП дадоа ултиматум за да им се исплати септемвриската плата.

Претседателот на Независниот возачки синдикат на ЈСП Африм Муча изјави дека со протестот продолжуваат и понатаму, се додека не ги повикаат градоначалничката или директорот.

„Нема да дозволиме понатаму, ова е веќе претерано, ако денеска не дојдовме со децата и жените, може утре ќе дојдеме, еве тука слушаат сите, вчера не успеавме телефонски да им кажеме дојдете со деца, ама утре ќе ги донесеме, па нека објаснат, и градоначалничката и директорите овде зошто се децата тука присутни“, рече Муча.

„Им се извинувам и на патниците, денеска ќе останат на улица, ама не е наша вина, вината е кај нив“, додаде Муча.

Синдикалците најавија дека ќе продолжат со протестите се додека не им биде исплатена платата.

На вонредна седница на Советот на Град Скопје, вчера советниците ја задолжија градоначалничката до петок напладне да достави одлука за прераспределба на градски пари за да се овозможи непречена работа на ЈСП.

Вчера, во Скопје се одржаа и два протести во текот на денот. Вработени, заедно со синдикатите на ЈСП и други синдикати побараа исплата на септемвриската плата да се изврши истиот ден и го најавија денешниот протест.

Од друга страна, пред Владата, секретарот на Град Скопје и директорот на претпријатието, заедно со неколкумина вработени кои паркираа десетина автобуси на булеварот побараа исплата на долгот кон претпријатието за кој тврдат дека е од Министерството за образование и наука и дел од скопските општини. Од Владата и Министерството за образование и наука негираа дека имаат долгови кон ЈСП.