👁️  12

Одредени антикризни мерки би требало да бидат активни за граѓаните на почетокот на ноември, најави денеска вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Мерките ќе се подготват додека во Собранието не помине одлуката што претходно ја усвои Владата за прераспределба на средства од буџетот, со која се одвоени средства за таа намена.

-Со пренамената во новиот буџет, вкалкулирани се антикризните мерки. Мерките ќе се спремат додека заврши собраниската процедура. Очекувам дека одредени мерки веќе на почеток на ноември би требало да бидат активни за нашите граѓани, рече Битиќи на денешната прес-конференција во Владата заедно со министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и додаде дека на 19 септември би требало да има нова собраниска седница.

Нагласи дека засега податоците не укажуваат дека треба да се донесат одредени мерки коишто директно би требало да помогнат на стопанството, затоа што, како што рече, Владата се стреми да им помогне на ранливите и маргинизирани целни групи, без разлика дали се работи за лица со ниски приходи, студенти или млади. На крајот, додаде, секако средствата завршуваат кај стопанствениците.

Истото денеска го потврди и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска на дебата со релевантните чинители, граѓанскиот сектор и со стопанските комори, за потребите на граѓаните и на реалниот сектор.

-Ќе имаме нов пакет на антикризни мерки. Разговараме и во рамки на Владата и во рамки на министрите од економскиот ресор за се што треба да направивме за граѓаните, особено во текот на зимскиот период што доаѓа и како да има повеќе приход, особено во семејствата на ранливи категории на граѓани, рече Тренчевска.

Битиќи најави дека деновиве ќе бидат обзнаени целните групи кои што ќе бидат опфатени со пакетот антикризни мерки.

-За некој ден мислам дека ќе бидат соодветно обзнаени. Не сакаме да ги кажеме мерките, затоа што имаме доволно искуство со антикризните мерки, почнувајќи од 2020 година со ковид, кога знаеме дека спроведувањето ни правеше тешкотии. Не сакаме да донесеме мерка со која што после во спроведувањето ќе имаме тешкотии. Гледаме како да ги елиминираме тие елементи, за да имаме добро и навремено спроведени мерки кон сите граѓани, рече Битиќи.