👁️  26

Над шест од десет Грци, односно 61,9 отсто сметаат дека земјата оди во погрешна насока, 47,2 проценти се задоволни од изборот на Стефанос Каселакис за лидер на најголемата опозициска партија, а разликата меѓу Нова демократија и СИРИЗА е намалена на 17,7 отсто, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Opinion Poll“ за телевизијата „ACTION24“, јави дописничката на МИА од Атина.

За речиси половина од анкетираните, односно за 48,6 отсто, поскапувањата на цените се главниот проблем за земјата, а потоа следат економијата (42,5 проценти) и природните катастрофи (22,3 отсто).

За пожарите во Еврос и поплавите во Тесалија, 34 отсто од анкетираните сметаат дека причината е „Владата“, за 23,5 проценти „државата и нејзините патогении“, а 20,7 отсто одговориле дека причината е „големината на природните катастрофи“.

Дополнително, 47,9 проценти од испитаниците „воопшто не се задоволни“ од управувањето со катастрофи и владините мерки за поддршка на погодените.

На прашањето колку сте задоволни од целокупната работа на Владата досега, 37,2 отсто одговориле „воопшто“, а 32,4 проценти „малку“.

Со оглед на тоа дека станува збор за прво истражување на јавното мислење во Грција по изборите за претседател на СИРИЗА, 47,2 отсто изразуваат задоволство од резултатот и изборот на Каселакис, а голем е бројот, 68,5 проценти, на оние кои оценуваат дека е можна поделба на партијата.

Во однос на распоредот на силите на партиите, Нова демократија добива 31,7 проценти, СИРИЗА 14 отсто, а ПАСОК десет проценти.

Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Opinion Poll“ за телевизијата „ACTION24“ било спроведено од 21 до 26 септември со анкетирани 1.005 домаќинства.