👁️  145

Новиот владин состав што го предводи премиерот Христијан Мицкоски позитивно го оценуваат 33,2 отсто, донекаде позитивно 20,8, донекаде негативно 8,9, негативно 15,1, а не знаат или немаат одговори 21,9 отсто
Христијан Мицкоски е политичарот во кој граѓаните имаат најголема доверба, покажува најновата анкета на Институтот за политички истражувања (ИПИС) спроведена телефонски на примерок на 1089 полнолетни испитаници во периодот помеѓу 18 и 21 јуни 2024 година.

Според анкетата, над половина од испитаниците очекуваат новата власт да биде подобра од претходната, третина имаат позитивно мислење за составот на новата Влада, а доколку има избори најголем број гласови би освоила ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето во кој политичар имате најголеме доверба, 27,8 отсто се определиле за Христијан Мицкоски, во Али Ахмети доверба имаат 8,4, во Максим Димитриевски 4,8, во Димитар Апасиев 3,3, во Стево Пендаровски 2,5, во Бранко Црвенковски 2,3, во Билал Касами и Изет Меџити по 2,2, во Африм Гаши, Арбен Таравари и Димитар Ковачевски по 1,8, во Зоран Заев 1,7, а во Никола Груевски 0,9 отсто од испитаниците.

ИПИС

Во ниту еден политичар не веруваат 25,9 проценти од анкетираните.

Дека новата владејачка структура на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ ќе биде подобра од претходната на СДСМ и ДУИ, сметаат 55,8 проценти од испитаниците, спртовно мислење имаат 11,1, дека ќе биде иста одговориле 21,9, а не знаат или немаат одговор 11,2 проценти.

ИПИС

Новиот владин состав што го предводи премиерот Мицкоски позитивно го оценуваат 33,2 отсто, донекаде позитивно 20,8, донекаде негативно 8,9, негативно 15,1, а не знаат или немаат одговори 21,9 отсто.

ИПИС

Доколку следната недела има парламентарни избори, за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 28 проценти од анкетираните, за СДСМ 10,1, за ДУИ 8,9, за „Вреди“ 7,8, за Левица 4,7, а за ЗНАМ 3,1 отсто.

ИПИС

За ниедна партија не би гласале 13 отсто од анкетираните, не сакале да кажат 15,5, а не знаат 8,6 отсто. За друга партија, надвор од наведените, би гласале 0,3 проценти од испитаниците.

Истражувањето е реализирано со користење на случаен примерок кој е стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението. ОД ИПИС посочуваат дека во него се запазени демографските специфики на населението како полова структура, старосни групи, степен на образование и етничка припадност, со соодветна поделба на испитаниците според местото на живеење и изборната единица, со тоа што Скопје е земено како посебна целина заради своите посебности.

Истражувањето е спроведено за потребите на ИПИС со цел да се анализираат рејтинзите на партиите. Анкетата е финансирана од сопствени средства на ИПИС.