Најголемиот банкрот во САД од 2008 година го доживеа банката на Силиконската долина. Според Федералната корпорација за осигурување на депозити (FDIC), средствата на банката на Силиконската долина (SVB) биле запленети откако штедачите, првенствено технолошки работници и фирми за ризичен капитал, почнале брзо да ги повлекуваат своите пари.
Запленети се средствата од 209 милијарди долари и депозитите од 175,4 милијарди долари што банката ги имаше во моментот на колапсот.
Пред да се запре работењето на банката, акциите на нејзината финансиска група паднаа за речиси 70 отсто, откако беше објавено дека банката продала средства од 21 милијарда долари и планира да продаде дел од акциите за да собере пари.
Инаку, ова е една од главните американски институции каде што почетниците ги вложуваат своите инвестиции. Овие превирања дојдоа во време кога бројни технолошки компании ги намалуваат своите капацитети, односно отпуштаат работници, а зголемувањето на каматните стапки укажува на проблемите со кои се соочува светската економија. SVB е федерално осигурана, што значи дека ако не може да ги исплати своите клиенти, ќе добие средства од владата.
Колапсот се случи затоа што банката задржала голем број државни обврзници кои изгубиле вредност поради растот на каматите, поради што банката морала да ги надомести загубите. Дека ваквите економски состојби предизвикуваат домино ефект најдобро покажува падот на акциите на другите американски банки.
Така, вредноста на акциите на First Republic Bank падна за 22 отсто, на Bank of America за еден отсто, а на Morgan Stanley за повеќе од два отсто