👁️  68

Претседателката на Врховниот суд на Република Северна Македонија, Беса Адеми, оствари средба со амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.

На средбата на која присуствуваа и судиите на Врховниот суд на Република Северна Македонија се говореше за повеќе прашања кои се однесуваат на независноста и самостојноста на судството.

Во таа насока, на средбата беше истакнато дека независноста на судството е најсилната гаранција за владеењето на правото и дека интегритетот на судиите претставува клучен фактор за остварување на принципите на независното судство.

Судството не смее да биде под притисок на политиката и не треба да се дозволи мешање на другите власти во донесувањето на судските одлуки кои мора да се засновани на законите. Потребно е да се почитува уставното начело на поделба на власта, а судиите да бидат ослободени од какви било влијанија.

Суштинска улога за независноста на судството има и транспарентноста како еден од најважните фактори за јавната перцепција и доверба. Од големо значење е и доследната примена на европските стандарди и почитувањето на правните вредности.

Амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Ангела Агелер, истакна дека потребно е да се даде силна поддршка на ваквите заложби за независно и транспарентно судство и дека активностите на Врховниот суд во таа насока даваат клучен придонес во реформскиот процес.