👁️  26

Албанскиот претседателот Бајрам Бегај, веднаш по враќањето од посетата на Казахстан, потпиша указ за смени во владиниот кабинет предложени од премиерот Еди Рама на Националното собрание на неговата Социјалистичка партија, на 4 овој месец.

Од прес-службата на претседателскиот кабинет наведуваат дека шефот на државата со денеска потпишаниот указ го прифаќа разрешувањето на министрите кои ја напуштаат функцијата и истовремено именување на нови министри.

Според предлогот на Рама, а сега прифатен и од шефот на државата, нов министер за Европа и надворешни работи ќе биде Игли Хасани, дипломат од кариера, долгогодишен претставник на Албанија во ОБСЕ, Огерта Манастирлиуго напушта Министерството за здравство и социјална заштита и преминува во Министерството за образование, млади и спорт. На нејзино место доаѓа Албана Корчиу.

Нов министер за економија и финансии ќе биде Ервин Мете, за земјоделство и рурален развој Анила Денај, додека прв човек на новоформираното министерство за локална самоуправа ќе биде Арбјан Мазнику, актуелен заменик градоначалник на Тирана, Македонец чиј татко потекнува од село Врница, област Голо Брдо.

Претседателскиот указ за новите министри го отвора патот за гласање во Парламентот, за што според најавите, пленарна седница треба да се одржи во понеделник попладне. Имајќи го предвид бројот на пратеници на владејачкото мнозинство предлогот само формално ќе помине во законодавниот дом, по што, во вторник новите министри треба да дадат заклетва пред претседателот Бегај.

Ова е прва поголема реконструкција на кабинетот „Рама3“ по парламентарните избори и формирањето во септември 2021 година. Во претходните две, на крајот од септември 2022 беше сменет вицепремиерот и министер за обнова Арбен Ахметај, кој сега е обвинет за корупција и е надвор од земјата, и на негово место дојде Белинда Балуку. Во средината на јули годинава Рама, по зачестените тешки кривични дела, меѓу нив и убиства, одлучи министер за внатрешни работи да биде Таулант Бала на местото на Бледи Чучи.  (МИА)