👁️  33

Собранието на Албанија доцна попладнево со 101 глас „за“ ја изгласа Резолуцијата со која се осудува нападот од 24 септември на северот на Косово.

За Резолуцијата гласаа партиите од власта, демократите од фракција на Сали Бериша додека не гласаа иако беа во салата оние од крилото на Љуљзим Баша.

На изгласувањето му претходеше петчасовна, на моменти тензична, дебата, како и одговори на премиерот Еди Рама на прашања за и околу Косово, негови ставови и изјави.

Денеска изгласаниот документ во Собранието, кој по долг период ги обедини опозицијата и мнозинството, се состои од три точки.

„Целосно се поддржува Резолуцијата Собранието на Република Косово, изгласана на пленарна седница на 28 септември 2023 година. Уставните институции на Република Албанија, во сите меѓународни инстанци, како и во билатералните контакти со нашите партнери, силно да се ангажираат и да ги преземат сите неопходни активности за да овозможат меѓународна истрага поврзана со терористичкиот акт на северот на Косово“.
Потоа, се охрабрува Владата на Република Косово да работи рамо до рамо и без резерва да се приклучи кон своите стратешки сојузници, Европската Унија и Соединетите Американски Држави, во функција на процесот за постигнување конечен договор за нормализација на односите меѓу Косово и Србија и конечното признавање на Косово.

Резолуцијата, како што се наведува, е во согласност со уставните одредби на Република Албанија и политиката на заштита на заедничките стратешки национални интереси меѓу Албанија и Косово.