Ал Џезира
Тактиките на Хамас што ги видовме во нападот врз Израел минатата сабота беа некои од нивните најсофистицирани досега.
Групата користела воздух, море и земја во она што во воена смисла е познато како операции со повеќе домени. Таа почна со првични напади врз израелските набљудувачки пунктови користејќи беспилотни летала пред нејзините масовни ракетни напади да ја совладаат одбраната на израелската „Железна купола“.
Тоа беа она што се нарекуваат операции за обликување, кои во суштина се подготовки за следната фаза – физички влез во Израел.
Следна беше невидената физичка инфилтрација, напад на Израел од повеќе правци, напад на израелски воени цели, убивање и заробување војници и воена опрема.
Во заднината на сите овие активности беше употребата на психолошкиот елемент – вклучувајќи снимање и емитување напади во израелските погранични области и на музички фестивал, како и заробување израелски војници и цивили и нивно враќање во Појасот Газа.
Скриено планирање
Повеќето планирања што беа преземени од Хамас биле во време кога Израел минуваше низ политички тензии кои ја потресуваат земјата со месеци.
Причина за поделбите беа серијата закони што ги наметна десничарската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху – најдесничарската влада досега – што ќе го ослабне судството до точка што повеќе не ќе може да функционира како што е планирано, што демонстрантите го повторуваа во неколкуте недели од протестите.
Овие нарушувања предизвикаа тоа што се нарекува како „заднинска бука“ што го попречи работењето на израелското разузнавање.
Хамас го проучувал собирањето израелски разузнавачки информации, идентификувал израелски извори и ги држел фокусирани на друго место за да ги сокријат нивните подготовки.
Според извештаите на медиумите, Хамас, исто така, инвестирал многу во тунелската инфраструктура, градејќи широка мрежа на подземни премини што им овозможуваат физички да ги заобиколат израелските контролни пунктови и да извршат ненадејни напади.
Употребата на тунели и подземни објекти речиси сигурно помогна да се сокријат подготовките од израелското разузнавање.
Се чини дека Хамас учел од различни извори, користејќи лекции од минатите конфликти со израелските сили, проучувајќи ги тактиките што ги користеле борците во Џенин во 2002 година и инкорпорирајќи свои иновации.
Лекции од Џенин
Тие, исто така, се чини дека се инспирирани од воената инфраструктура и стратегиите за герилска војна на Хезболах.
Претходните судири со израелските сили, особено за време на офанзивата во Газа во 2014 година, го научија Хамас за урбана војна и како најдобро да се користат импровизирани експлозивни направи (IEDs), тунелни мрежи, како и психолошка и асиметрична војна.
Се чини дека Хамас научил некои лекции за увид од тактиката што ја користеле борците за време на битката за Џенин во 2002 година, која стана симбол на палестинскиот отпор.
Во април 2002 година, во израелски напад врз бегалскиот камп Џенин загинаа најмалку 52 Палестинци, вклучувајќи жени и деца, наведе „Хјуман рајтс воч“.
Во судирот загинаа и 23 израелски војници, а неколкумина беа ранети.
Една од клучните лекции што можеби ги научил Хамас од битката за Џенин беше ефективноста на импровизирани експлозивни направи за нанесување жртви и попречување на израелските воени операции. ИЕД се евтини и лесни за криење, што ги прави вредна алатка за асиметрично војување. Хамас потоа го вгради ИЕД во својот арсенал, употребувајќи го за цел на израелски воени возила, патроли и објекти.
Ако Израел почне копнена офанзива против Газа, речиси сигурно ќе видиме повторно употребена оваа тактика.
Друга веројатна лекција од борците во Џенин беше важноста на стратешката мобилност и изненадувањето, користејќи мрежа од тунели за придвижување на борци и логистика, избегнување на израелските сили и започнување ненадејни напади.
Нерамноправна борба
Конечно, Хамас се бори против армијата која има софистицирано тешко оружје и воздушна моќ.
Соочен со ова оружје, Хамас има малку повеќе од домашно изработени ИЕД, ракети и мало оружје за да го надополни малиот број пософистицирано мало оружје што успеа да го прошверцува.
Ова е причината зошто групата се потпира на тактики – користејќи стратегија „удри и бегај“, заседи и снајперски оган за да ги минимизира сопствените жртви и да ја зголеми ефикасноста на своите операции со минимизирање на директните конфронтации.
Она што не е јасно е епилогот што Хамас го очекува од овој последен напад, бидејќи тешко дека ќе има поширока воена поддршка за него од регионот.
Останува да се види каков ефект ќе има тоа врз веќе закочените дипломатски напори за преговарање меѓу Израел и Палестинците, како и меѓу палестинските фракции.
Она што е сепак јасно е дека страдањата ќе ги сносат невините цивили во Газа кои се подложени на жестока воздушна операција која не им остава простор да ја напуштат, а која аналитичарите очекуваат наскоро да биде лансирана и од земја. И израелските цивили страдаат додека ги оплакуваат своите мртви и очајно трагаат по исчезнатите.
Дали оперативното изненадување на Хамас ќе се претвори во стратешки пораз?
Само времето ќе покаже. (МИА)