👁️  1874

Актерката Силвија Стојановска денеска во Кривичниот суд доби ослободителна пресуда по обвинението за шверц на кокаин.

Апелацискиот суд претходно донесе одлука да го врати предметот на повторно судење, откако актерката Стојановска со првостепена пресуда беше осудена на три и пол години затвор за делото што ѝ се ставаше на товар – шверц на 700 килограми кокаин од Колумбија во Шпанија.

Првообвинетиот Воислав Будисављевиќ, пак, кој беше првостепено осуден на седум години затвор, поднесе жалба, но наместо ослободување или враќање на судењето отпочеток како што бараше, Апелацискиот суд му ја зголеми казната на 12 години затвор.

Актерката се гонеше за делото 215 од Кривичниот законик со кое се казнува неовластено производство, продавање или продажба, држење и транспорт на наркотични дроги. Таа беше обвинета по ставот 3 кој вели дека ако делото го извршиле повеќе лица или сторителот на делото организирал мрежа на продавачи и посредници, ќе се казни со затвор од една од пет години.

Меѓутоа, како што објаснија од судот, во повтореното судење се следеле напатствијата од Апелација, се анализирале докази и од нив не се гледа мрежата односно учеството на актерката во неа.

„Овој судечки совет смета дека јавниот обвинител не докажал надвор од разумно сомнение дека таа го сторила делото“, рече судијата Огнен Ставрев.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција обвинението за овој случај го поднесе на 12 јуни 2020 година откако претходно беше отворена истрага во рамки на меѓународната операција под кодно име „Колибри“ во која апсења на три лица имаше и во Шпанија. Еден од нив беше братот на Будисављевиќ.