Според Али Ахмети лидерот на ДУИ, бизнисите на неговата фамилија за кои се објавуваа афери во медиумите и реагираа експертите, се обезбедиле со пот. Тоа тој го изјави во гостувањето за „360 степени“ на МТВ.
Тоа што е сомнително за сите, само за Ахмети не е, па така тој смета дека немало ништо сомнително што една фирма врти 12 милиони евра за една година како што тоа го направила фирмата на неговиот зет К.С.А. која за нецела година има толку приходи.
– Јас не ги знам конкретните податоци. Куштрим ми е зет, Ускана е моја ќерка. Но, обвинителството, судството, никој не е амнестиран, туку сите се еднакви пред законот. Јас не мислам дека Куштрим, зет ми, е сам, сигурно дека е со многу други компании. Јас не можам да му забранам никому од моето семејство да нема активности. Но, едно им ставив до знаење, пред законот се еднакви, како и секој граѓанин, рече Ахмети.
Ахмети воедно во одбрана на неговиот зет рече дека биле повеќе компании.
Сепак, сомнително е тоа што Ахмети во интервјуто изјави дека не знае за лицето Ерџан Сулкоски кој бил соосновач на фирмата на неговиот зет, но исто така е сосопственик на РКМ која увезува мазут за ТЕЦ Неготино, која врти стотици милиони евра.
– Јас ве убедувам дека семејството Ахмети нема ништо со… како се викаше, Ерџан Сулкоски. Првпат слушам од вас. Не сум го чул ни како име, рече Ахмети
Инаку Ерџан Сулкоски излегол од фирмата К.С.А. Интернешнл, во која бил косопственик и коуправител со зетот на Али Ахмети пред помалку од еден месец, поточно на 23 август 2023 година.
Ахмети ги бранеше и фирмите на неговиот сват Селаудин Арифи, таткото на неговата свршеница А.С. Сењак која редовно добива тендери особено во општините каде ДУИ има градоначалници како што е Кичево и годишно исто така врти милиони евра приходи од тие тендери, а притоа ги бранеше и бизнисите на неговиот син.
– Во однос на Селаудин, тоа е стара компанија, уште пред прогласувањето на независноста, од 90-тите години. Не знам зошто се поврзува ова со сватовско прашање. Син ми и ќерката на Селаудин создале врска, но сè уште не е официјализирана. Син ми е архитект, има своја канцеларија, рече тој.
Според Ахмети, Шкумбин работел за швајцарска компанија и легално спечалил пари.
На прашање за изјавите на неговиот роднина Фатмир Лимани кој обелодени дека семејството Ахмети пред да влезат во разни бизниси и политика биле сиромашни, Ахмети се правдаше дека се спечалиле со пот.
– не знам колку се мери богатството на семејството. Јас за семејството можам да кажам дека го обезбедило со своја пот, изјави тој.