Во Центарот за култура „Ѓорче Петров“ денеска со почеток во 19 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Физика на радоста“ во реализација на Театар Пи.
Претставата го преиспитува човекот како сложено суштество составено од сеќавања, недоизговорени приказни, стравови и емоции, поставувајќи го секој поединец во сопствен внатрешен лавиринт.
Проектот е инспириран од романот „Физика на тагата“ на бугарскиот писател Георги Господинов, разработувајќи ја идејата за човекот како носител на повеќе идентитети и состојби.
Во визуелно-театарскиот концепт, митскиот лик на Минотаурот е третиран како симбол на отфрленото и невидливото во општеството, додека лавиринтот се интерпретира како внатрешна психолошка состојба.
Посебен акцент во проектот е ставен на инклузивноста, при што креативниот процес вклучува лица со типичен и атипичен развој од Центарот „Порака“ – Скопје, заедно со членовите на Театар Пи.
Автор на текстот е Златко Митрески, кој заедно со Македонка Митреска Илиевска ја режира претставата. Музиката ја потпишуваат „Алембик“ и Дино Рамо, а за костимите и шминката е задолжена Сандра Миовска.
Извор: МИА








