Промоција на новиот роман „Понекогаш се враќаат“ од Димитрие Дурацовски во Скопје

Романот „Понекогаш се враќаат“ од македонскиот писател Димитрие Дурацовски ќе биде промовиран денеска со почеток во 19 часот во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ во Скопје.

„Понекогаш се враќаат“ е шестиот роман на Дурацовски и тематски се фокусира на една куќа како симболичен простор низ кој минуваат различни животи и судбини, испреплетени со сеќавања, предмети и внатрешни светови. Делото обработува мотиви на враќање кон корените, провинцијата, самотијата и времето како трајна категорија.

Особеност на романот е што има два завршетоци – еден во самата книга и друг отпечатен на задната корица. Со ова дело, авторот првпат создава книжевен свет исклучиво со зборови, пренесувајќи ја својата препознатлива визуелна естетика во литературата.

Димитрие Дурацовски (1952) е писател и сликар, еден од истакнатите претставници на современата македонска култура и припадник на т.н. петта генерација автори од 1980-тите години. Неговиот творечки опус се одликува со постмодернистички пристап и поврзување на книжевноста со визуелната уметност.


Автор е на збирките раскази „Тајна историја“ и „Црни пророци“, како и на романите „Insomnia“ и „Бледи сенки, далечни гласови“. Двократен е добитник на „Рациново признание“ и носител на државната награда „11 Октомври“ за животно дело.

За делото, објавено од „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе говорат Ангелина Бановиќ-Марковска, Ненад Јолдески и Оливера Ќорвезироска

Извор: МИА