👁️  383

За да се стигне до манастирот „Свети Никола“ во Манастир, Мариово, треба да се биде во срцето на најголемата, но и најраселена област во земјава. На 45 километри од Прилеп, по патот за Мариово, преку Штавица, македонското село насловено „Мал Холивуд“ каде снимаше Милчо Манчески, преку превојот „Слива“, преку Расимбегов мост на Црна Река, што е во средиштето на прилепско Мариово, па, по патот кај Трлата, ќе ве одведе до селото Манастир. Таму е манастирот „Свети Никола“. Покрај селото може да продолжите до Чебрен, каде се заговара (одамна) градењето на хидроцентралата на Црна Река.

Селото Манастир во Мариово, главно, ги зачувало камените куќи. Повеќето се од педесеттите години на минатиот век кога ниту мариовци не знаеле дека ќе почне големиот бран на иселувањето во 60-тите и во 70-тите години од 20-тиот век.

Манастирот е на крајот од селото. Селото го носи името на манастирот.

Влезната порта и камбанаријата се оддамнина. Лево е стариот конак, полуразрушен, а пред вас глетката ја запира манастирската црква „Свети Никола“. До неа е новиот конак. Се гледа дека црквата е во фаза на препокривање.

Гостите ги пречекува отец Никола, архимандрит, старешина на манастирот. За добредојде – чај и…. повеќевековна приказна, за манастирот кој годинава одбележува 750 години постоење.

За приказната да биде поавтентична се упатуваме среде црквата Свети Никола. Отец Никола (случајно или не, го носи името на светецот кому е посветен манастирот)  во почетокот на замонашувањето ниту знаел каде ќе  дојде.

– Ми го споменаа манастирот. Си реков, каде сум? Уште при првиот поглед занемев и се „заљубив“. Во глетката, во духовниот мир и спокојството што ги нудат и манастирот и црквата и околината. Не толку далеку од општественото живеење, ама доволно да имате духовен мир. Дури тогаш сфатив зошто, токму тука, „зачнало“ монаштвото уште пред седум и пол века. Замислете како било мирно и продуховено тогаш, вели отец Никола.

Приказната за манастирот фасцинира. Освен што постои 750 години и чува раритети на духовното христијанство, на археологијата, на историјата, првото прашање упатува на потеклото. По што проценуваат дека манастирот бележи 750 години постоење? Иако црквата е најстара, целосно зачувана, во Пелагонискиот регион од 11 век. Отец Никола знае да го „зароби“ вниманието.

– Оваа 2021 година, почнувајќи наназад од 1271 година, одбројуваме 750 години од најзначајната обнова на манастирската црква „Свети Никола“ во Мариово која е направена во времето на проигуменот Акаки, значајна монашка личност, историска личност за средновековната Охридска архиепископија. Човек кој потекнувал од византиското благородништво и решил да го напушти светот, доаѓа да живее во овој Манастир како монах, а бидејќи го затекнал во една разрушена состојба, го обновил, толку-колку што возмогнал. Неговата ктиторска фрескоживописна слика е зачувана во црквата.  Донел сликарски имиња од тоа време за да го обноват фрескоживописот од разурнатата црква. Тоа се случува од 1266 и завршува во 1271 година. Всушност, работеле повеќе групи зографи, но само еден човек осмислил што ќе биде насликано и сето тоа било крунисано во таа 1271 година. И од тој период останат е целиот ентериер кој денеска има огромно значење за македонското средновековно сликарство. Манастирот во средновековно Мариово претставувал културно, духовно и општествено средиште на Регионот. Тоа го потврдуваат и поновите археолошки истражувања од 50-тите години на минатиот век, раскажува отец Никола.

Црквата е најстарата во Пелагонискиот регион. Од 11 век е, поточно од 1095 година.

– Кон крајот на 11 век, поточно во 1095 година, протостраторот Алексеј, кој бил подалечен роднина на византискиот цар Алексеј Комнен, така пишува во пронајдениот натпис,бидејќи бил „стратиот“ и висок воен началник во областа, веројатно во одбранта на овие византиски граници од нападите на Крстоносните војски во текот на втората половина на 11 век, посакал на ова место да изгради манастир и да биде завештание за него, место каде ќе бидат погребани тој и неговото најблиско семејство. На тој начин, ја гради црквата, ја посветува на светиот отец Николај Миликијски, Чудотворец. Од тој период се останати значајни археолошки остатоци кои ни сведочат дека, освен тоа што во црквата биле закопани членовите од потесното семејство на протостраторот Алексеј, во самиот почеток, Манастирот имал традиција на монашко живеење, вели отец Никола.

Фрескоживописот е од константинополската школа. Тоа значи дека има свои карактеристики, евидентирани само на неколку цркви во Македонија. Го одредува и монашкиот живот во Манастирот.

– Посебноста е во типичноста што се јавува, внатрешното уредување, бидејќи е базиликална црква, одредува малку поинаква програма на фрескоживописот тука. Овој тип на градби се граделе во 8 и 9 век. Непознато е во литературата, нема многу такви цркви градени во 11 век како трикорагни базилики. Базиликата има централен и два странични кораби кои завршуваат со праскомидија и џаконикон. Доминираат монашките теми, тоа за нас е најзначајна потврдува дека уште од самиот почеток, особено во тој 13 и 14 век, Манастирот функционирал како значаен монашки центар. Да ја споменеме фреската на Свети Јован Лествичник, кресницата на Свети Јован Синајски, која е најстара во Македонија од аспект на тоа монашко живеење. Сведочи дека монаштвото во Македонија било запознато и во тек со најзначајната духовна и подвижна литература, типична за монашката читателска публика и е дадено почесно место на оваа фреско – претстава. Треба да се истакне техничкиот израз на фреските во централниот кораб кој е многу редок за наши услови во Македонија од она сликарство што било негувано и создавано во Охридската архиепископија, а тоа се моментите кои потсетуваат на константинополската иконографија со високи, натприродни претстави на светители во целиот раст. За нас е многу значајно постоењето на овој лик на Свети Климент Охридски, како патрон на Охридската архиепископија, на едно значајно почесно место помеѓу олтарот и проскомедијата.Насликан е со византијско-грчки натпис. Тоа е невообичаена фреска на Свети Климент Охридски која била инспирирана на постари прототипови на неговиот лик, познати во регионот. Многу е тешко да се говори заиконографските решенија во 9,10 и во 11 век, зашто ерминиите биле пишувани на краток, концизен текстуален начин за описот на фрескосликањето.Многу е значајно што е во самиот олтарен дел, заедно со Свети Ахил Преспански кој ни е познат од Самоиловата епоха.Посебно е што светителите се со надприроден раст, повеќе од 3 метри, типично за константинополската иконографска средновековна школа, појаснува архимандрит Никола.

Фасцинираат посебностите на фрескоживописот на кому му е неопходна заштитата. А Манастирот се смета за едно од заукружените археолошки истражувања. Посебно е што имало осликување и на надворешната страна, а уште пофасцинантни се откриените гробови, вечни почивалишта на монасите. Во кругот на Манастирот има гробови и од световните војни.

Монашките нудат посебна раритетност.

– Од јужната страна се пронајдени околу 40 гробови, различни од останатите средновековни погребувања во некрополата околу црквата Свети Никола. Тие се до самиот влез од јужната страна на црквата, со специфично погребување. Дури се пронајдени археолошки артефакти на копчиња со впишан крст. Ќе биде објавено во една ретка монографија. Тоа ќе биде ретко сведоштво за монашкото живеење во Македонија, зашто има ретко сведоштво од книжевни и други споменици. Единствен споменик е Монашкиот типик од Вељуса од 1080-тата година.Тоа е многу посебно, бидејќи ретко каде во манастирите во Македонија се направени толку опсежни археолошки истражувања кои би го доловиле повеќе монашкиот живот во периодот. Тука се пронајдени и монашките конаци, разни работилници. Можно е да се претпоставува дека функционирал како книжевен препишувачки центар.Може да секаже дека Манастирот „Свети Никола“ можеби е еден и единствен, а сигурно дека е еден од ретките од македонската средновековна епоха кои се археолошки потполно истражени, вели отец Никола.

Со самото оживување на Манастирот се покренати повеќе иницијативи. Најголем приоритет е даден на обновата на овој храм. Преку надлежните институции, како споменик на културата од прва категорија мораше да се проследи со соодветни проекти. Најважно беше да се стабилизирата подовите на Црквата, бидејќи се откри дека дел од црквата се одделува од средиштето поради подземни води. Поставени се нови темели на црквата.

– Сега сме во обновата на покривната конструкција на црквата, изградба на тремови од надорешната страна, бидејќи е една од ретките цркви кои имала фрескоживопис и од надворешната страна, а сочувани се мали делови на фрескоживописот на јужната и на западната страна.Црквата ќе се фугира, ќе се менуваат процорците и вратите. Тоа треба да заврши наредните два-три месеца. Од архитектурата треба да се направи новото електрично осветлување, па подот и иконостасот, кои, како проект, се одобрени во надлежните институции, но треба да влезат во програмата на Министерството за култура за наредната 2022 година, информира отец Никола,  старешина на манастирот „Свети Никола“ во Манастир, Мариово кој годинава бележи 750 години постоење.

Од прилепскиот Завод и музеј потврдуваат дека треба да завршат проектите. Приоритет било заштитата на црквата.

– Прво, моравме да ја препокриеме за да заврши заштитата на фрескоживописот. Иако забавено, сепак ќе се завршат работите, уверува Благоја Атанасоски, директор на прилепскиот Завод и музеј.

Посетата на манастирот „Свети Никола“ во Манастир, Мариово, ја завршуваме со чувството на допир во историјата низ вековите.  Мариовското опркружување останува недопрено, а со тоа го засилува чувството на духовното спокојство и на изолираноста. Тоа што го барале монасите пред седум и пол века.